(видео) Граѓаните сами поставија мерни станици за квалитетот на воздухот во Кочани

Фото извор: ФБ/KOЧАНИ СО ❤️ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ, ВОДА И ПОЧВА
Фото извор: ФБ/KOЧАНИ СО ❤️ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ, ВОДА И ПОЧВА

Додека се чека остварување на најавата на Општината Кочани дека ќе постави мерни станици во најзагадениот дел од градот, граѓанските активисти од здружението „Грин.орг“ во соработка со приватна компанија, само поставија сензори, со кои ќе се обидат и низ факти да го докажат зголеменото аерозагадување. Веќе неколку месеци работи мерен сензор во кругот на компанијата „Ауто Велт“, која е прва сосетка на „Пејпар Мил“, некогашната Целулоза, која активистите ја посочуваат како најголем извор на аерозагадувањето, додека вториот мерен сензор е во индустриската зона, како контролна точка.

Ана Симоновска од „Грин Орг“ вели дека во име на здружението е потпишан договор со „Инфопроект“ на овие две точки, колку да се направи споредба на интензитетот на загадувањето.

-Ги најдовме критичните точки каде треба да бидат поставени овие мерни сензори , така што едната мерна станица е поставена во делот на „Пејпар Мил“, односно кај паркингот на „Ауто Велт“ што е непосредно во дворот на „Пејпар Мил“, додека другата станица е поставена во индустрискиот дел на објектот на „Дени Мил“, информираше Симонова.

Овие мерни станици, граѓаните на Кочани ќе ги имаат на располагање една година. Овие мерни станици според Симонова, им го потврдиле тоа што веќе подолго време го потврдуваат и другите мерења, дека Кочани е загаден град со зголемено присуство на јаглероден моноксид.

-Резултатите покажуваат дека се исти како и тие од мерењата дадени од  Државниот инспекторат за животна средина, лабораториските мерења, кои покажуваат зголемено количество на јаглерод моноксид, истото го покажуваат и нашите мерни станици, во количество на „многу нездраво“. Исто така, покажуваат и зголемени количини на азот диоксид во делот на „Пејпар Мил“, вели Симонова.

Од друга страна, Советот на Општина Кочани пред повеќе од една година донесе одлука за набавка на две мерни станици со средства од Буџетот на општината. Парите се наменети, но мерните станици се’ уште не се набавени. Граѓанските активисти ова го оценија како спротивставување на граѓанската воља и потреба за независни мерења на според нив, изразеното аерозагадување и во непостапувањето гледаат намера. Градоначалникот Љупчо Папазов потврдува дека има одлука на Советот, но дека за станиците се’ уште се преговара.

-Две мерни станици на потегот на компанијата „Пејапр Мил“ нема потреба да бидат изградени, но сепак ја почитуваме одлуката на Советот на Општина Кочани и во преговори сме со Универзитетот „Гоце Делчев“ и нивната лабораторија која се грижи за квалитетот на воздухот воопшто во источниот регион и сметам дека ќе имаме можност компетентно и со реални мерни параметри да одговориме на ваквото барање и ваквата одлука од страна на Советот на Општина Кочани“, одговори градоначалникот Папазов.

Според него, фабриката има А еколошка дозвола и вели дека контролата е на Министерството за животна средина и просторно планирање, кое ја издава и контролира оваа дозвола. Сепак, Папазов смета дека има простор за разговори со „Пејпар Мил“ за подобрување на стандардите и квалитетот на животните услови за граѓаните, кои живеат во околината, но како што вели, Кочани не е загаден град.

Граѓаните деновиве повторно објавуваат фотографии од оџакот во кругот на фабриката. Се споделуваат и резултатите од мерењата на двете мерни станици. Во пресрет на зимата и почетокот на грејната сезона, изразена е загриженоста за квалитетот на воздухот што го дишат.

Со внимание го следат и одговорот од Обвинителството и Основниот суд во Кочани по поднесената кривична пријава за загадениот воздух. Пријавата е поднесена во јули 2020 година, дополнета во јули 2022 година. Засега нема информација дали предметот ќе стигне до фаза на судење.

 

Сторијата е дел од проектот ,,Иновативни решенија за зелен Исток“ што го спроведува  „Медиа Плус“ ,финансиран од Фондацијата Отворено Општество-Македонија„

Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено Општество-Македонија.