Индустријата и општините да размислуваат за природно базирани решенија за загадувањето

Серија средби за претставување на природно базираните решенија за прочистување на отпадните води, кои често директно се испуштаат во реката Брегалница, организираше ЗГ „Медиа плус“ со ангажираниот експерт д-р Петра Поп Ристова, акватички биолог. Средбите се одржаа со претставници на индустријата, односно компаниите кои имаат еколошки дозволи за работа, потоа ЈП „Исар“, кое стопанисува со канализацискиот систем, каде се испуштаат отпадни води од домаќинствата и индустријата и со претставници на општината Штип и Одделението за животна средина.

Реката Брегалница, како најголема река во источниот дел на Македонија, во поголем дел од своето течение има лош квалитет на водата од трета и четврта категорија. По течението на реката се испуштаат отпадните води од комуналните претпријатија по градовите, а работат само две стандардни пречистителни станици. Штип останува најголемата општина по течението на реката, која се’ уште нема пречистителна станица, туку преку колекторскиот систем отпадните води завршуваат директно во реката. Во меѓувреме, додека да почне да се работи на проектот за пречистителна станица, инсталација која бара сериозна инвестиција, како алтернатива, но и подолготрајно решение се базираните на природата. Различните решенија беа презентирани пред заинтересираните страни, кои од д-р Поп Ристова добија одговори на сите прашања врзани за нивното внесување.

Природно базираните решенија за пречистување на отпадните води можат да бидат во вид на пловечки острови, базен со засадени врби со улога на пречистувачи, мочуришта со трски и слично, кои повеќе од дваесетина години се применуваат во земјите со развиена еколошка свест. Текот на реките, исто така, се решени на овој начин, уредени се ерозивните делови на речното корито, превенирани поплавите.

Пречистувањето на отпадните води преку природно базирани решенија веќе функционира во пракса и во некои од помалите населби по течение на реката Брегалница, преку проект поддржан од Швајцарската амбасада. Преку проектот „Иновативни решенија за зелен Исток“ што го спроведува ЗГ „Медиа плус“ се работи на активности за кревање на свеста за примената на концептот „од природата за природата“. Како резултат на работата на тимот професори од Универзитетот „Гоце Делчев“ и д-р Петра Поп Ристова, ќе се мапираат црвените точки по течението на Брегалница, ќе биде подготвен Прирачник со природно базирани решенија, а во тек е и јавна кампања.

Проектот е поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.