Само 3700 евра од Б-интегрирани еколошки дозволи влегуваат во Буџетот на Општина Штип (видео)

Општина Штип од загадувачите, врз основа на 14 издадени Б-еколошки дозволи годишно добива нешто над 3700 евра. Парите се доволни колку да се засади цвеќе во една населба парк или да се одржува еден маалски парк. Државната ревизија оценува дека Општината годишниот надоместок за поседување Б – интегрирана еколошка дозвола не го пресметува редовно и точно. Податоците не се ажурираат по редовен инспекциски надзор, туку пресметките се прават врз основа на историски податоци.

Еколошките надоместоци се собираат по различни основи, од граѓаните жители на различни општини, но на крај, овие средства завршуваат во државниот буџет. Само мал дел и тоа главно од еколошките дозволи што ги издава општината, завршуваат во општинските буџети. Иако загадувањето е видливо, колекторите изнесуваат големи количини на отпадна вода, во случајот со Штип, годишно се собираат само 230.000 денари (3700 евра).

Овој износ е премал да намената, а тоа е унапредување на животната средина преку одржување на зелените површини, подигнување на нови, набавка на садници, еколошка едукација на деца и слично. За поголем зафат во канализациската мрежа и унапредување на системот, не може да стане збор. Ова е оценката на општинското раководство, кое во спроведување на комуналните програми, вклучувајќи ја и таа за животна средина, главно се потпира на сопствени извори.

Градоначалникот Иван Јорданов вели дека согласно инсталациите такви се надоместоците.

-Износот од е наменет за заштита на животна средина. Ова не е финансиски износ со којшто може општината само од овие средства да ги реализира планот и програмата за заштита на животната средина за подобрување на истата, туку е само еден износ кој се наменува како дел од вкупните финансиски средства, наменети за оваа основа, вели Јорданов.

Тој оценува дека мора да се зголемат контролите врз економските оператори на месечно ниво, со цел да се видат промените кои се случуваат на терен и усогласеноста на испуштањето на загадувачките супстанци со дозволата.

-Мораме како општина да ги засилиме контролите за да видиме дали содејствува на издадените дозволи за да не ни се случи некој економски оператор, одреден субјект има поголеми инсталации во однос на добиената Б интегрирана дозвола, оценува Јорданов.

Осум од 14 штипски компании со Б-дозволи во 2021 година не платиле еколошки надоместок

Оваа најава штипскиот градоначалник ја заснова на укажувањето и препораките на Државниот завод за ревизија, кој на почетокот на ноември ги објави наодите од извршената ревизија за работата на општината во текот на 2021 година. Во ревизорскиот извештај се констатира дека не се обезбедуваат известување од страна на операторите со инсталации за количината на загадувачките супстанци кои се наведени во дозволата, а за кои во владината Уредба е предвидено различна висина на надоместокот. Поради тоа надоместокот се утврдува врз база на историски податоци обезбедени при издавањето на дозволата.

-Воспоставена е пракса на дел од операторите со инсталации повремено или воопшто да не им се пресметува надоместок за годишно поседување на Б-интегрирана еколошка дозвола за период на поседување на дозволата. За 2021 година не е пресметан надоместок за 8 оператори со инсталации. Поради тоа, воспоставениот начин на изготвување на пресметка на надоместокот, не обезбедува услови за плаќање на реален надоместок за поседување дозволи на оние инсталации кои предизвикуваат загадување на животната средина и влијае врз точната навремената и целосната наплата на овој надоместок, пишува во ревизијата за 2021 година за Општина Штип.

Според овој извештај, утврдените состојби не се според членот 129 од законот за животна средина и член 37-б од Законот за буџетите на општините.

Откако се утврдени овие недостатоци на штета на општинскиот буџет, Државниот завод за ревизија препорачува одговорните во Општината да обезбедат годишни извештаи за количината на емитувани супстанци од операторите со инсталации и користење на овие податоци при пресметка на годишниот надоместок за поседување на интегрирана Б-еколошка дозвола. Дополнително ревизијата препорачува пресметка на годишниот надоместок на сите оператори со инсталации.

Операторите кои испуштаат супстанци кои ја загадуваат животната средина според законот, добиваат интегрирана еколошка дозвола, при што плаќаат годишен надоместок. Исто така плаќаат надоместок за редовен годишен надзор на инсталацијата.

-Осум милиони денари квартално добива Општина Штип од страна на Боров Дол, затоа што се експлоатира руда на територијата на Општина Штип. Ова се средства што значително помагаат во реализацијата на планот и програмата на општината. Она што се планира за во иднина е изградба на пречистителна станица, проект со огромни финансиски размери и сметам дека приходите од Боров Дол можат да придонесат за реализација на некој покрупен проект во насока на заштита на животната средина. Исто така, сите надоместоци, приходите од еколошките дозволи се во насока на реализација на оваа програма, изјави Јорданов.

Општината Штип во Буџетот за 2022 година за Програмата за заштита на животна средина предвидува 6,5 милиони денари.

Процесот на децентрализација не го важи и за парите од еколошките надоместоци

Најголемата ставка за општините доаѓа од А – интегрираните еколошки дозволи, од чиј вкупен износ 70% е за општините. Но, останатите надоместоци завршуваат во централниот буџет, па од таму преку разни програми. Процесот на децентрализација, кој се години се одвива, не e применет и во распределбата на средствата од еколошките надоместоци. Како што забележува и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, најголемиот процент од собраните средства по разни основи завршува во централниот буџет, а од таму се распределуваат за енергетска ефикасност и други проекти, чија реализација оди во прилог на заштита на животната средина. Некои од овие проекти, завршуваат кај општините.

-Даноците собрани од биоразградлив кеси одат директно во буџетот на Министерството за животна средина, додека другото е во буџетот на централната власт. Од даноците како тие собрани од техничките станици за возила се финансираат проекти за отпадни води, води за пиење и други вакви проекти. Став на Владата е да се инвестира во енергетска ефикасност на сите згради на институциите. Пример, Министерството за внатрешни работи до сега инвестираше во енергетска ефикасност во повеќе од 70 полициски станици.  Дали има потреба од повеќе?  Да, секогаш има потреба од повеќе, изјави министерот Нуредини.

На прашањето колку навистина пари од собраните еколошки надоместоци од сите македонски граѓани завршуваат во општината од каде доаѓаат, засега никој со точност не може да каже. За екологија се знае дека преку заеми има над 100 милиони евра преку Министерството за животна средина и просторно планирање. Од нив 50 милиони евра кредит од Европската инвестициска банка (ЕИБ) се за поддршка на општините за изградба на водоснабдителни системи и системи за отпадни води. Дополнителни 55,3 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), се за општините за базична инфраструктура за централни и регионални депонии, транспортни станици, контејнери и транспортни возила.

Сторијата е дел од проектот ,,Иновативни решенија за зелен Исток“ што го спроведува  „Медиа Плус“, финансиран од Фондацијата Отворено Општество-Македонија“.

Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено Општество-Македонија.