Навививачки наслов со тврдење за ново мнозинство што не го потврдува текстот
ДАГАУ! ЗА ВО ПОНЕДЕЛНИК ВМРО, СО СЕЛА ГАШИ И КАСАМИ ДОГОВОРИЛЕ НОВО ПАРЛАМЕНТАРНО МНОЗИНСТВО! ПАЃА ВЛАДАТА? е долгиот наслов на портал, со тврдење кое се базира на изјава на членот на Централното раководство на Алтернатива, Зекирија Ибрахими, кој рече:„ се надеваме дека од понеделник ќе почнеме да работиме за новото мнозинство “.
При тоа, објавува фотографија на која на преговарачка се наоѓаат лидерите на ВМРО ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Алтернатива, Мицкоски, Села и Гаши. Фотографијата е од средбата од 27 август, на која е договорен заеднички настап на Локалните избори 2021.
Споменатиот портал пишува:
„Зекирија Ибрахими од Алтернатива вечерва гостуваше во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21, каде посочи дека ќе се изненадиме и додаде дека во понеделник ќе се објави ново владино мнозинство“.
Меѓутоа, одговарајќи на прашањето за шансата да се фомира ново мнозинство со пресврт во корист на опозицијата,одговорот и интегралната изјава е поинаква. Во неа Ибрахими не зборува со таква сигурност за која пишува во овој текст:
„Нашата коалиција функционира на најдобар можен начин и се надеваме дека од понеделник ќе почнеме да работиме за новото мнозинство“, изјави Зекирија Ибрахими за ТВ 21.
Ибрахими во друго интервју за „Лајм прес“, на прашањето дали ќе се случи најавата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски за ново мнозинство, вели:
„Сигурно е дека ќе умреме. Ништо друго не е сигурно на овој свет. Но, постојат сериозни индиции дека по завршувањето на вториот круг од изборите, Северна Македонија ја чека ново мнозинство и нова влада“,вели Ибрахими за Лајм.
За формирањето на ново мнозинство се зборува со месеци, а овие шпекулации се интензивирани во предизборната кампања. Опозиционите лидери на предизборните настапи деновиве интензивно потврдуваат дека се разговара за окрупнување на опозицискиот табор, по што евентуалното ново мнозинство може да и’ изгласа недоверба на владата предводена од СДСМ и ДУИ. И другата страна и владејачките партии најавуваат ново окрупнување и зацврстување на мнозинството со „преминување на тројца пратеници“.
Меѓутоа, засега тоа се само партиски преговори што во новинарски текст не може со сигурност да се тврди дека е договорено ново мнозинство што „од понеделник“ ќе функционира.
Работата на новинарите е да понудат факти, а не шпекулации. Ова особено е нагласено во време на избори, каде одговорноста на новинарите и медиумите е нагласена.
„Професионалната работа на новинарите мора да биде, пред сè, вистинита, со употреба на веродостојни информации, урамнотежена, неутрална и да го почитува човечкото достоинство. „Во ова спаѓа и чувството на морал и одговорност, како и способноста да се разберат спротивните гледишта, вклучувајќи ги и оние за коишто не известил новинарот. Без оглед на социо-политичките околности, примарната одговорност на новинарите е, пред сè, насочена кон граѓаните“, стои во „Прирачник за етичко известување од избори во Северна Македонија“, кој пренесува цитат од Прирачникот за известување во теркот на избори на организацијата „Репортери без граници“.
На чесно и објективно информирање обврзува и Кодексот на новинари:
„Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни“, пишува во Принципите на однесување.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.