Има нови траги за бегството на Груевски, но само за кликови на портали

Повеќе портали пренесуваат еден ист текст во кој не се кажува ништо ново, но уште еднаш се навраќаат колку да потсетат дека и по три години од бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, истрагата се’ уште е отворена.

Нови траги и докази за бегството на Груевски? е текстот што го објавуваат порталите, каде се пренесува речиси истата изјава подолго време од Јавното обвинителство дека истрагата не е затворена.

Предметот во врска со бегството на Груевски е сѐ уште активен и надлежниот обвинител што постапува по него презема дејствија за кои јавноста ќе биде навремено информирана во моментот кога обвинителството ќе оцени дека нема да наштетат на постапката, ни одговорија од Обвинителството, пренесуваат порталите.

Шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, во повеќе нејзини интервјуа за различни медиуми подолго време, прашана за истрагата за бегството на Груевски потврдува дека истрагата е во тек.

„Фокус“ во текстот од 29.01.2021 година, уште еднаш се навраќа на резултатите од отворената истрага низ изјавата  на обвинтелката Вилма Рускоска:

-Обвинителството има информации ама нема докази така да за да се покрене обвинение за било кој обвинителството мора да достави докази пред судот – истакна Рускоска.

Потврда дека истрагата не запрела иако е „со забавено темпо“ може да се прочита во текстовите на неколку други медиуми. Во анализата за сметките на Груевски во Македонија, каде се тврди дека според неофицијалните проценкистанува збор за 200 до 250 илјади евра коишто биле повлечени од банкарските сметки на експремиерот две недели пред бегството.  Рускоска во текстот пренесува сознание дека е познато времето кога Груевски почнал да ги повлекува парите од сметките.

„Никола Груевски пред да избега уште од септември почнал да ги вади парите и банките за тоа реагирале до тогашното Специјално јавно обвинителство“, потврдува за ДВ шефицата на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска.

Потсетуваме дека Груевски на  на 11 ноември 2018 година избега од Македонија преку Албанија, Црна Гора и Србија во Унгарија за да не ја издржува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк”. Таму побара и доби политички азил.

Новинарството по дефиниција подразбира дека соопштува нешто ново. Новото во случајот е само претпоставката дека „веројатно има поместување во истрагата“, која никаде не наидува на потврден одговор. Факт е дека и една од функциите на новинарите е да вршат постојан притисок за вакви дела од висок интерес на јавноста, меѓутоа не и колку само да потсетува. Праксата покажа дека истрагите за вакви и слични случаи може да траат со години. Пример е се’ уште отворената истрага за атентатот на првиот македонски претседател Киро Глигоров, која трае веќе 26 години (од 3 октомври 1995 година).

Новинарската работа е повеќе од само препотставки со прашалници и констатирање дека „истрагата не е затворена“.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.