Инцидентот со обезбедувањето на Мицкоски спакуван во ФБ статус претставен како новинарски текст

Без да се провери кај надлежните институции, само со пренесување на Фејсбук статус, портал објави информација за инцидент кој се случил во угостителски објект во Вевчани, за време на предизборен митинг.

Ново сведошство од Вевчани:Припадник на обезбедување на Мицковски во локал се претставил како полицаец, барал лични карти и се заканувал по гости“ е насловот на објавениот текст.

Текстот е пренесен пост, лично сведоштво на сопственикот на угостителскиот објект за настан, за кој се коментира на социјалните медиуми, а кој се случил во неговиот објект. Во постот, корисникот на Фејсбук, а го пренесува порталот, дека полицаец, без да се легитимира, почнал „да бара лични документи од гостите и да им се заканува“. Порталот сведочењето го пренесува од збор до збор, а единствената „авторска“ интервенција е насловот, во кој споменатиот полицаец го идентификува како „припадник на обезбедувањето“ на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Новинарот не се потрудил да ја провери вистинитоста на информацијата или дали инцидентот е пријавен во Полиција или во некоја друга надлежна институција.

Во дневниот билтен на МВР од 25.10.2021 година, е регистриран овој случај, кој бил пријавен во СВР Охрид.

На 24.10.2021, во 22.30 часот во ПО-Велешта Т.Ш. (32) пријавил дека околу 20.30 часот во центарот на с.Вевчани (пред кафе бар) додека следел митинг на политичка партија едно лице лажно му се претставило дека е полициски службеник и му побарало лична карта и откако ја фотографирал личната карта, му се заканил на пријавителот. Потоа, според пријавеното, лицето влегло во кафе барот и им ги побарал а потоа и ги фотографирал личните карти на И.Д., М.Д., В.П., К.Р., Т.В. и Н.Б., сите од Вевчани, а потоа, без да се легитимира со службена легитимација, се оддалечило. Се преземаат мерки за расчистување на случајот,“пишува во Билтенот.

Според Кодексот на новинари во онлајн медиумите, член 1:

Онлајн медиумите ќе известуваат само врз основа на факти чие потекло му е познато на новинарот, повикувајќи се на различни извори на информации и, по правило, потпирајќи се на јасно идентификувани и веродостојни извори.

Медиумот не ја проверил информацијата ниту кај посоченото лице, ниту пак кај политичката партија, која што во моментот на инцидентот одржувала митинг во Вевчани. Недостасуваат одговорите на прашањата: Дали тоа лице навистина е дел од обезбедувањето на посочениот лидер на политичка партија и доколку е така зошто нема образложение, на што се должи таквото однесување и заканите упатени до сопственикот на угостителскиот објект и другите гости.

Самото пренесување на информација на фејзбук профил без потврда на истата и во услови на предизборна кампања ја дезинформира и насочува јавноста во прилог на една а на штета на друга политичка партија.

Задача на новинарот е да ги провери сите информации што можат да се проверат на терен, без разлика дали изворот потекнува од социјалните мрежи, од пријавувања на граѓаните или други извори што на прв поглед може да изгледаат релевантни.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.