Поканата за информативен разговор во полиција не е апсење
Рецензираме текст чиј наслов „Што се случува со ВМРО-ДПМНЕ: Уапсен кандидатот за градоначалник на Делчево, нудел по 50 евра за глас?!“, е дезинформација и став на новинарот.
Насловот, всушност, е за текст во кој интегрално се пренесува дел од билтенот на Министерството за внатрешни работи (МВР), кој официјално известува за случај во кој кандидат за градоначалник, бил повикан на информативен разговор во полиција за поткуп.
“На 16.10.2021 во ПС Делчево на информативен разговор е повикан Н.С. (35) од Делчево поради основано сомнение за давање поткуп во врска со локалните избори односно сторено кривично дело по член 162 од КЗ „поткуп при избори и гласање“ како и К.С. (35) кој примил 3000 денари од Н.С. во замена за глас на утрешните избори. Известено е ОЈО Делчево и по насоки од ОЈО извршен е разговор со повеќе лица. Паричните средства во висина од 3000 денари се одземени. По комплетирање на службената документација од страна на ОВР Делчево ќе биде поднесена кривична пријава до ОЈО Делчево по чл.162 ст.1 и 2 вв ст.3 од КЗ“, пишува во билтенот на МВР (16.10.2021)
Текстот го демантира насловот и укажува на тоа дека авторот не прави разлика меѓу „апсење“ и „информативен разговор“. Јасно е кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ бил во полиција, но не бил уапсен, туку повикан на информативен разговор во МВР.
Со овој наслов, новинарот кој го објавил текстот, го прекршил Кодексот на новинарите членот 1 во кој се вели:
„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и објави“.
Кодексот е прекршен бидејќи новинарот во насловот шпекулира, односно претпоставува без да наведе дека информацијата не може да се потврди.
Прекршен е и член 14 во кој се вели “Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано“.
Новинарите во изборните процеси имаат посебна улога, дефинирана и со Изборниот законик и редица други документи. Во „Новинарскиот прирачник за известување од избори“ на ЗНМ и Фондацијата Конрад Аденауер, стои дека „новинарите имаат обврска да известуваат на вистинит начин, преку сеопфатно прикажување на реалноста низ факти и аргументи. Тие мора да имаат критички однос кон информациите, што подразбира дека ќе ги проверуваат и потврдат “. Новинарот мора да прави јасна дистинкција меѓу фактите и мислењата и не смее да изразува свои политички гледишта и мислење во вестите“
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.