Без да ја провери дали информацијата е точна, Портал објави видео со обвинување за поткуп на гласачи

Видео кое што се споделува по социјалните мрежи, на кое се гледа како од камион се растовара нешто, објавено е на портал, со сензационалистички наслов;,,Власта врши поткуп на граѓани во Битола“

Текстот е всушност, споделување од збор до збор на Фејксбук статус на политичка партија.

Кај новиот пазар во Нова Битола се растовара брашно од камион со охридски таблички за поткуп на граѓани од страна на власта, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ, се вели во постот објавен na порталот.

Во видеото не се понудени никакви докази со што се поткрепува посоченото во насловот, дека граѓаните се поткупуваат. Во снимката не може да се види јасно дали навистина тоа што се растовара од камионот е брашно, ниту пак дека потоа се дели на гласачи за поткуп.

Во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси во делот за злоупотреба на средствата за јавно информирање ,член 69 се вели:

Секој којшто објавува информација за корумпираност на друг, е должен да ја почитува претпоставената невиност и принципите на вистинито, објективно и непристрасно информирање, како и други принципи на кодексот на професионалната етика.

Никој не може да користи средство за јавно информирање за лажно обвинување на друг за корупција.

Во објавениот пост на порталот освен преземеното видеото и обвинувањето на една политичка партија за поткуп од страна на еден од кандидатите за градоначалник на гласачи, не се понудени никакви докази ниту аргументи дека тоа се случило.

Новинарот не се потрудил да провери во надлежните институции- Mинистерството за внатрешни работи (МВР), Општинската изборна комисија (ОИК), Антикорупциската комисија или Јавното обвинителство. За време на избори, новинарите и медиумите, чија работа често се мониторира, при вакви случаи на чуен глас или објавени информации на социјалните медиуми, се должни пред објавување да проверат во наведените институции. Првото прашање е дали таков случај на поткуп е пријавен, бидејќи при секое сомнение, партиите ваквите случаи вообичаено ги пријавуваат. Доколку навистина се случило, да се информираат како се случило, дали воопшто е реагирано, доколку има пријава за објавеното обвинување и како постапиле институциите. Доколку не е пријавено до институциите, за новинарот треба да биде знак дека можеби некој се обидува да манипулира. Особено што политичките партии не пропуштаат случаите на прекршување на изборното право и Кривичниот законик, за тоа да побараат полицијата и Обвинителството да ги расветлат.

Информирањето на јавноста не треба да биде само еднострано пренесување на пост од Фејзбук, по што професионалното новинарство се разликува од објавите на социјалните медиуми. Ова особено важи посебно во време на избори.

Недостатокот на доказите и фактите и реалното претставување на ситуацијата е манипулирање, а не информирање на јавноста.

Во Прирачникот за етичко известување од избори во Северна Македонија,

Се вели дека „ Новинарите имаат обврска да известуваат на вистинит начин, преку сеопфатно прикажување на реалноста низ факти и аргументи. Тие мора да имаат критички однос кон информациите, што подразбира дека ќе ги проверуваат и потврдат “.

Новинарот, исто така, не смее да прикрива или игнорира информации од суштинско значење. и е должен на јавноста да и’ понуди разновидност на достапни извори на информации, што во случајот т.е текстот-предмет на рецензијата не е направено.

 

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.