„Медиа плус“ во активност за обучување меѓуврснички едукатори во Свети Николе

Како младите може да препознаат и да му се спротивстават на меѓуврсничкото насилство, но и како да им помогнат на своите соученици, кои трпат психичко, а понекогаш и физичко насилство, беа прашањата што предизвикаа интерес кај младите средношколци од Свети Николе на работилницата за меѓуврснички едукатори.

Оваа работилница организирана од ЗГ „Медиа плус“ од Штип во рамките на проектот „Безбедноста е нашето мото“, собра 19 ученици од СОУ „Кочо Рацин“ од Свети Николе, кои заклучија дека не е лесно кога ќе се заменат улогите. Ова беше само еден од методите на обука, што на работилниците ги применува младинскиот едукатор, Драгана Митровиќ.

Средношколците направија план за справување со меѓуврсничкото насилство, на кој треба да работат со своите соученици во периодот што следи. За цело време ќе бидат мониторирани од Митровиќ, која ќе им помогне во реализирањето на овој план.
Иста ваква работилница е планирана и за средношколците во Штип и Кочани.