Родителите не се свесни дека детето кога игра онлајн комуницира со потенцијални предатори
На почетокот од серијата работилници што ЗГ „Медиа плус“ од Штип ги спроведува во четири средни училишта во Штип, се потврдија првичните наоди, дека родителите не само што немаат контрола врз содржините што ги гледаат нивните деца на интернет, туку и не се свесни за опасностите. Од друга страна, учениците од прва и втора година, кои слободно се движат во виртуелниот свет, не се доволно информирани за тоа како безбедно да го користат интернетот.
На првата работилница за млади во СОУ „Коле Нехтенин“, што ја спроведе универзитетскиот професор Методи Хаџи Јанев, учениците од прва и втора година учеа за сајбер безбедност, интернет на нештата, измамите и кражбите на интернет, како фишинг и новите техники на измамниците. Неколку ученици потврдија дека се соочиле со кражба на идентитет на социјалните мрежи.
Учениците не прават разлика меѓу интернет и сајбер просторот, а најголемиот дел од нив одговорија дека со бришењето на профилот на Фејсбук, не оставаат дигитална трага, односно дека профилот не може да биде избришан.
Членовите на Советот на родители, за кои исто така беше одржана работилница, рекоа дека потребна им е поголема информираност на темата безбедност на интернет и очекуваат повеќе вакви едукативни средби. Сметаат дека кога нивните деца играат игри на интернет, немаат интеракција со други во виртуелниот свет, што е сосема погрешно. Бидејќи, како што истакна професорот Хаџи Јанев, додека играат децата влегуваат во соби за разговори, каде може да разменуваат фајлови, видеа, фотографии, да разговараат со луѓе кои се претставуваат за нивни врсници, а всушност, може да се онлајн предатори.
Родителите сметаат дека децата се зависни од компјутери и мобилни телефони, од одделни социјални мрежи, што училиштата, родителските заедници, наставниците, треба да го адресираат како проблем. По настаните во Србија, родителите очекуваат поголем ангажман на институциите за борба против меѓуврсничкото насилство.
Работилниците се дел од проектот „Сигурни во виртуелниот свет” што го спроведува ЗГ „Медиа плус” со поддршка на регионалниот проект СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, имплементиран од Centar za promociju civilnog društva (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институтот за демократија и медијација (ИДМ), а финансиски е поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.