Преку граѓанско учество во креирање политики до транспарентна и инклузивна власт
„Граѓанското учество подразбира вклучување на граѓаните во процесот на донесување одлуки и креирање политики и гради мост меѓу власта и граѓаните. Граѓанското учество создава потранспарентна власт и помага во подобрување на услугите“, ова се дел од пораките споделени со над 50 граѓански организации на трите информативни сесии на тема Учество на граѓанските организации во креирање политики. Настаните беа организирани во периодот од 5 до 7 јуни во Гостивар, Штип и Битола.
За ефективно граѓанско учество потребна е властотворена кон вклучување на своите граѓани во управувањето, континуиран проток на информации меѓу граѓаните и власта, користење на ефикасни механизми за прибирање на информации од граѓаните и информирани граѓани кои ја разбираат и високо ја ценат обврската да соработуваат како еднакви партнери во процесот на управување.
На настанот беа споделени и наодите од извештајот „Огледало на Владата: Учество на јавноста во процесите на подготовка на законите, Годишен извештај од следење на ЕНЕР во 2022 година”. Имајќи ја предвид слабата информираност на локалните организации за онлајн алатката за нивно учество при креирање политики, на сесијата организациите беа детално запознаени со начинот на пристапување и користење како и придобивките од Единствениот национален електронски регистер на прописи (ЕНЕР). „Намален е интересот на јавноста за коментирање на ЕНЕР, односно во 2022 година беа поставени 112 коментари за 23 предлог закони на ЕНЕР што е намалување споредено со претходните години”, истакна Валентина Величковска во својата презентација. Дел од причините што ги истакна за намалениот интерес се ниската информираност меѓу граѓаните и граѓанските организации за ЕНЕР, но и слабото давање одговори од релевантните министерства на поставените коментари.
Дел од заклучоците на учесниците за причините за учество на граѓаните во донесување одлуки беа: одлуките што се донесуваат од страна на локалната власт влијаат директно на нивниот живот и треба да се носат што е можно поблиску до граѓаните; луѓето се посвесни за проблемите во нивното опкружување и имаат најдобри решенија коишто им одговараат; граѓаните чувствуваат дека се почитувани со тоа што им се дава шанса да ја понудат сопствената експертиза; граѓанското учество може да го подобри управувањето со тоа што ќе го направи потранспарентно, подоследно, поодговорно, поефективно и поефикасно.
Настаните беа организирани во рамки на проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“ финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.