Плаќаме 27 еколошки надоместоци, но дали завршуваат во екологијата?

За автомобил 50 денари,  а за комби 80 денари е цената на паркингот во Националниот парк „Галичица“. Но, овие средства, нема директно да завршат за подобрување на условите на паркот, туку како и останатите вкупно 26 ставки на име на екологија, ќе се слеат во буџетот на државата. Колку од овие средства потоа навистина ќе се употребат за унапредување на животната средина, тешко може да се пресмета. Во буџетот на Министерството за животна средина завршува само еден дел, како тело на централната власт.

Директно во буџетот на ова министерство, кое треба да се грижи за природата и животната средина се уплаќаат само парите интегрираните А еколошки дозволи, од продадените пластични ќеси во трговијата и дел од средствата за регистрација на возилата. Дури и еколошкиот данок од 3,5 денари од секој литар нафтени деривати завршува во централниот буџет.

-Заштитата на животната средина и овозможување зелен и одржлив развој е еден од врвните приоритети на Владата и токму во таа насока средствата ќе се прибираат во посебниот фонд, а кои на годишно ниво би изнесувале околу 50 милиони евра, ќе се насочат токму во еколошки проекти“, соопшти Владата при воведувањето на овој данок (јуни 2021).

По изминувањето на повеќе од една година, овој посебен фонд се’ уште не е формиран.

Според МЗЖСПП од регистрација на возилата и такси од интегрираните еколошки дозволи во 2021 година се собрани 75 милиони денари (1,2 милиони евра). Во посебен фонд на ова Министерство како надомест за биоразградливите ќесиња што чинат 15 денари, собрани 69.323.258 денари, или 1.136.445 евра. Како што е најавено, овие средства се наменети за набавка на  5.000 контејнери за селекција на отпад и за јавна кампања.

Табела 1: Приливи во државниот буџетот по основ на надоместоци за заштита на животната средина

1 Надоместок за заштита на животната средина за добивање на дозвола за извоз на делови собрани од природата
2 Надоместок за заштита на животната средина за добивање на дозвола за увоз на супстанции што ја осиромашуваат озонската обвивка (Закон за животна средина, чл. 179)
3 Надоместок за заштита на животната средина при регистрација на моторни возила и пловни објекти
4 Надоместок за заштита на животната средина при сеча на дрва
5 Надоместок за заштита на животната средина за управување со индустриски неопасен отпад
6 Надоместок за заштита на животната средина при производство или увоз на тутунски производи (акцизна давачка од 2013 година)
7 Надоместок за заштита на животната средина при производство или увоз на нафтени деривати
8 Надоместок за заштита на животната средина за пластични производи и амбалажа од пластични маси
9 Надоместок за заштита на природата за влез и посета на заштитено подрачје
10 Надоместок за заштита на природата за паркирање во заштитено подрачје
11 Надоместок за заштита на природата за посета на посебни објекти во заштитеното подрачје
12 Надоместок за заштита на природата за отстрел на диви видови животни и собирање на диви видови растенија и габи и други шумски плодови
13 Надоместок за заштита на природата за престој во заштитено подрачје
14 Средства за заштита на природата стекнати со вршење на активности во зона на активно управување
15 Надоместок за користење на води
16 Надоместок за испуштање на води
17 Надоместок за вадење на песок, чакал и камен
18 Надоместок за управување со отпадни батерии и акумулатори
19 Надоместок за управување со отпад од пакување и кеси за транспорт на стоки
20 Глоби за заштита од бучава
21 Глоби за сторени прекршоци од области во надлежност на органот за животна средина и просторно планирање
22 Глоба за сторени прекршоци кои произлегуваат од Законот за управување со отпад (комунални прекршоци)
23 Надоместок за управување со отпадна опрема
24 Надоместок за концесии за користење на вода за производство на електрична енергија
25 Надоместок за концесии за користење на вода за производство на ел. енергија кој е приход на ЕЛС
26 Надоместоци за фосилни горива
27 Надоместок за заштита на животната средина за добивање дозвола за увоз на употребувани производи, стоки и отпадоци и остатоци од олово, пепел и остатоци што содржат главно олово, отпадоци и остатоци од потрошени примарни ќелии, потрошени примарни батерии и потрошени електрични акумулатори и отпадоци и остатоци што содржат олово (Закон за животна средина, чл. 179)

Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање

Министерот за заштита на животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини вели дека поголем дел од еколошките надоместоци се слеваат во државниот буџет, a централната власт има обврска да инвестира во еколошки проекти.

-Во минатото не било многу инвестирано, сега инвестираме повеќе. Централната власт е обврзана, тоа е став на владата да инвестираме на енергетска ефикасност на зградите на институциите. Ќе земам еден пример, Министерството за внатрешни работи до сега инвестираше на повеќе од 70 полициски станици, кои се енергетско – ефикасни. Здравство инвестираше во измена на системот на греење на болниците. Дали има потреба за повеќе? Да. Јас барам секогаш да инвестираме повеќе во животна средина, изјави Нуредини.

 Се вложува ли еколошкиот денар на вистинското место?

Генерално се знае дека овие собрани средства од централниот буџет се наменуваат за изработка на техничка документација и изградба на канализациони системи и системи за одведување и пречистување на отпадни води, потоа за проекти и активности за заштита на природата и биолошката разновидност, подигање на јавната свест, едукација и обука во областа животна средина и други.

Министерот за животна средина Нуредини  ги нагласува планираните законски измени, со кои вистински ќе се примени принципот „загадувачот плаќа“, со кои се придавува средствата да се влеваат во посебен еколошки фонд.

Од друга страна, ако се погледнат бројките за вкупно собраните средства врз основа на погоре прикажаните 27 основи за собирање на еколошки надоместоци, излегува дека најмногу пари се собрани во 2012 година – 564.297.852 денари, додека во 2020 година 289.640.429 денари.

Вкупно остварени приходи од еколошки надоместоци во 2012, 2018, 2020 година. Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање

Тие законски измени што ги споменува Нуредини, се по пример на законското решение за фондот од пластичните ќеси, еден од ретките кој се уплаќа директно на сметка на МЗСПП. Согласно  Законот за управување со пакување и отпад од пакување од 1 декември 2021 година е преведен надоместок за биоразградливите кеси за транспорт на стоки, кој што од страна на трговците треба да се прибира и уплаќа на квартална основа, за што е отворена посебна приходна сметка.

Над еден милион евра собрани од пластичните кеси

Евидентниот лист за продадени биоразградливи кеси кој исто така треба да се доставува квартално, а најдоцна до 15 наредниот месец, е пропишан согласно Правилникот за стандардите за биоразградливост, кои треба да ги исполнуваат кесите. Со тоа, точно се знае колку средства се влеваат на оваа посебна сметка.

Заклучно со септември, во посебниот фонд на Министерството за животна средина се собрани вкупно 69.323.258 денари, или 1.136.445 евра, како надомест за биоразградливите ќесиња што потрошувачите ги плаќаат по 15 денари во маркетите. Најавена е распределба на овој фонд на крајот на годината. Во време кога се работи овој текст (почеток на ноември) се’ уште нема одлука за распределба на средствата.

Екологистите и експертите во оваа област со години повикуваат парите за деградирање на природата и животната средина да завршат за намената – во екологијата, односно да ја поправат штетата што е направена.

-Убава е идејата за собирање на такви средства, но уште поубаво би било тие средства повторно да се користат за заштита на животната средина. Да се искористуваат во Фондот, кој е предвиден за таа намена. Колку што знам, најголем дел од тие средства завршуваат во државниот буџет, каде одат понатаму, не знам, вели Иванка С. Зивосовска, инжинер за животна средина и судски вештак.

Со години се зборува за реафирмирање и воведување на Фонд за животна средина, по пример на многу земји во регионот и пошироко. Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ од Скопје изработи подолга анализа утврдува дека „состојбата со управувањето на јавните финансии за заштита на животната средина во Република Северна Македонија покажува дека тековно постои механизам за собирање на пропишани давачки кои се влеваат, главно, во националниот буџет, меѓутоа тие не се предмет на планирано и организирано управување“. Анализата потсетува на негативните искуства со Фондот за животна средина и Фондот за води, кои престанаа со работа во 2005 и 2010 година, соодветно, поради незаконско работење, со што доведоа до ситуација државата повеќе од една деценија да нема систем за управување со јавните финансии во оваа сфера.

-Се препорачува воспоставување фонд за животна средина како засебно правно лице основано со капитал на Владата, која ќе има контрола врз неговото работење. Се предлага тој да има широк мандат кој би опфаќал различни прашања од областа на заштитата на животната средина. Фондот би функционирал како револвинг-фонд во кој би се влевале надоместоците за користење на природата по различни основи, надоместокот за заштита на животната средина при регистрација на моторни возила и пловни објекти, надоместоците за управување со отпадот, како и надоместоците пропишани за пластични производи и амбалажа од пластични маси, а би се остварувале и приходи по основ на камати на меки заеми, препорачува „Анализата за воспоставување на фонд за животна средина во Северна Македонија“ на Еко свест.

В.К.

Сторијата е дел од проектот ,,Иновативни решенија за зелен Исток“ што го спроведува „Медиа Плус“, финансиран од Фондацијата Отворено Општество-Македонија.
Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено Општество-Македонија.