(видео)До судот стигна тужбата на граѓаните на Кочани за загадувањето на воздухот

Судија за оценување на обвинителниот акт на Основниот суд  – Кочани го зеде во работа обвинителниот акт што го изготви кочанското Основното јавно обвинителство. Во обвинителниот акт, се бара осуда на Друштвото за рециклирање на хартија и остатоци од хартија „Пејпар Мил“ од Кочани. Обвинението е за делото „Загадување на животната средина и природата„ член 218 од Кривичниот законик. Делото е против физичкото лице Јулијан Серафимов Даскалов, како одговорно лице и против правното лице „Пејпар Мил“.

Основниот суд од Кочани потврди дека обвинителниот акти е земен во разгледување.

-Ве известуваме дека по предметот КО-372/20, во Основен суд Кочани е заведен предмет КООА 28/22 кај судија Виолета Миладинова. Во предметот се обвинети физичко и правно лице. Обвинителниот акт е доставен до бранителот на обвинетото физичко лице кој уредно го има примено. Меѓутоа, бидејќи обвинетото физичко лице е странец, доставата на обвинителниот акт со поуките е извршена по дипломатски пат, а повратен одговор за извршена достава немаме добиено. Исто така, бидејќи обвинетото физичко лице е управител на обвинетото правното лице, по дипломатски пат му е доставено барање за назначување на претставник на
правното лице за прием на обвинителен акт. Сите горенаведени списи, по дипломатски пат до обвинетото физичко лице се доставени со превод од македонски на странски јазик
и се чека одговор за уредно извршена достава заради натамошно постапување по предметот, одговорија од Основниот суд од Кочани.

За предметот да дојде до судија за оценување на обвинителниот акт, требаа повеќе две години.

На кривичната пријава поднесена од адвокатот Иван Лефков се потпишани 248 граѓани, кои сметаат дека издувните гасови од „Пејпар Мил“ им ги загрозуваат здравјето и животната средина, за што организираа и десетина протести. Граѓаните во пријавата сметаат дека податоците од мерењата укажуваат дека има присуство на штетни честички во воздухот над дозволените законски граници, што е докажано и со мерењата.

Основното јавно обвинителство се сложува дека граѓаните се во право, но сепак ја отфрла пријавата. Компанијата платила прекршочен налог, односно се спогодила и уплатила 6000 евра по инспекциите на Државниот инспекторат за животна средина, но не може да бидат обвинети следејќи ја законската одредба дека за едно исто дела не може да му се суди повеќекратно, оценува Обвинителството од Кочани. Адвокатот Лефков се жали до Вишото јавно обвинителство од Штип, кое оценува дека на „Пејпар Мил“ и Даскалов не им се судело, туку само платиле платен налог. Обвинителката Даница Монева го задолжува Основното јавно обвинителство од Кочани да ја продолжи постапката. Во меѓувреме, адвокатот Лефков доставил нови докази од направените мерења, по што Обвинителството одлучува да продолжи со почнатата постапка, но и да отвори уште една нова.

Како што ни одговорија од Јавното обвинителство на Северна Македонија, за првата кривична пријава од јули 2020 година, ОЈО од Кочани го завршува предметот и доставува обвинителен акт, додека за второоформениот предмет се води предистрага.

Адвокатот Иван Лефков очекува ист исход и за втората пријава.

-Очекувам што поскоро да се утврди кривична одговорност, да бидат изречени казни за да се влијае во иднина да не ги сторуваат делата кои им се ставаат на товар и да престанат да го загадуваат воздухот во граници, кои се недозволени и незаконски, изјави Лефков.

Кривичната пријава и целокупната постапка е почната од граѓаните обединети околу граѓанската организација „Грин.орг“. Претседателката Ана Симонова, очекува позитивно решение по пријавата.

-Меѓутоа, се надеваме дека нема да биде предоцна, бидејќи веќе со загадувањето на воздухот имаме зголемен број на респираторни заболувања, пред се’ кај најмладата популација. Така што, сметаме дека треба да бидат преземени чекори, пред се’ од надлежните институции, од страна на Обвинителството и Државниот инспекторат за заштита на животната средина. Тие до сега многу пасивно реагираат во ситуацијата со загадувањето, изјави Симонова.

Го прашавме и Државниот инспекторат за заштита на животната средина по реакциите на граѓаните, кои очекуваат поголема агилност од институцијата.

Од таму одговорија дека за покренатиот предмет до Основното јавно обвинителство од Кочани веќе доставиле документи од постапувањата. Последниот вонреден инспекциски надзор е извршен на 20 октомври годинава. Инспекцијата е направена откако ДИЖС добил писмено  известување од компанијата, на 15 октомври дека се подготвува инсталацијата да започнување со работа на 17 октомври. „Пејпар Мил“ не работеше два и пол месеци.

-По налог за вонреден инспекциски надзор од страна на Директорот на ДИЖС, државен инспектор за животна средина од Пробиштип од Одделението за инспекциски надзор во животната средина-Североисточен и Источен регион на ден 20.10 е реализиран истиот при што е изготвен Записник за констатација.  Со Записникот е констатирано дека при надзорот од емитерот се испушта бел дим измешан со водена пареа, а инсталацијата поради проблеми со електрична енергија не работела 75 денови. Во моментот на надзорот се врши подготовка за поставување цевки и вентилатор за дополнително вбризгување на кислород. Со Решение како инспекциска мерка од 20.10.2022 година, правниот субјект е задолжен да изврши поставување на вентилаторот и веднаш да изврши мерења со акредитирана лабораторија за животна средина, по што ќе биде извршен контролен инспекциски надзор. Рокот е 15 денови од приемот на Решението, одговорија од Државниот инспекторат за заштита на животната средина.

Пејпер Мил од Кочани е единствена фабрика за рециклирање на отпадна хартија во државата, која ја презеде некогашната Фабрика за хартија во Кочани. Во изминатиот период компанијата направи повеќе прилагодувања на системот со поставување на филтер, како и котел на пелети од биомаса. Како што соопштија, барањето на активистите за префрлување на еколошко гориво – метан им е неисплатливо, а и Владата не го почитувала договорот да донесе гас.

Веќе еден месец инсталацијата е во функција, додека граѓаните секојдневно споделуваат фотографии од оџакот во густо населениот дел на Кочани.

Сторијата е дел од проектот ,,Иновативни решенија за зелен Исток“ што го спроведува  „Медиа Плус“, финансиран од Фондацијата Отворено Општество-Македонија.

Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено Општество-Македонија.