Професорите се последните на кои би им се довериле штипските средношколци во случај на злоупотреба на интернет
Средношколците од Штип, кои ги пополнија прашалниците на тема безбедност на интернет и заштита на приватноста, не сакаат да се откажат од слободата на користење на интернет, на што пристапуваат без ограничување и минимално прилагодување на приватноста. Повеќе од половината пак, се свесни за ризиците и опасностите од користењето на интернет и сведочат дека се соочиле со закани и насилство или знаат од искуството на другите. Мал процент одговориле дека биле жртви на сајбер насилство или закани. Младите, се чини, лесно ја сфаќаат безбедноста на интернет и оценуваат дека можат сами да се справат со евентуални закани. За ризиците учеле искуствено и низ сопствени примери. Во случај на загрозување на слободата, злоупотреба, сајбер насилство, младите не би побарала помош од наставниците и ги ставаат на последно место каде би се обратиле. За проблемот прво би кажале на родителите, по што следат полицијата и нивните другари.
Информирани се и ги следат случаите на злоупотреба на интернет како што беше „Јавна соба”. Младите имаат свој став за вакви случаи, меѓутоа се со поделени мислења за одговорноста за споделување на материјалите од интимна природа и злоупотребата на личните податоци. Дека случајот “Јавна соба“ е пример за негативна употреба на мрежите, сметаат 38,1% од младите, додека 43,4% одговориле дека споделувањето на таков материјал и учеството во тие групи може да биде кривично дело, за кое следува казна. Сепак, има и такви кои мислат дека членувањето во вакви групи е право на избор (11.6%), а 6,9% одговараат дека споделениот материјал не е проблем, бидејќи не е украден – дел од сликите се земени од профилите, а дел се споделени од самите личности кои се на фотографиите.
Младите наведуваат редица опасности од онлајн просторот – почнувајќи од лажни вести, хакери, откривање на нивната приватност до опасност од педофили и сексуални предатори. Злоупотреба на личните податоци, според испитаниците е најголемата закана од интернет. Следи несаканите сексуални пристапи во chat соби, на социјални мрежи или на е-маил, а речиси идентично по опасност се испратените сексуални слики или содржина и заканите на местото/опкружувањето каде пристапуваат на интернет. Свесни се дека злоупотреба на нивни интимни материјали е санкционирано со закон, но сепак, има мала резерва за одговорноста кога се во прашање нивни блиски, пријатели, роднини, другари.
Повеќе од една третина од младите би регистрирале лажен профил со цел да коментираат кај некој друг профил, да комуницираат или пак да кажат нешто што не би го кажале во лице или од својот профил. Речиси една третина од младите испитаници не се запознаени со тоа како функционираат социјалните медиуми во делот на чувањето податоци и објавите од нивните профили.
Со цел да се видат ставовите на младите професор Методи Хаџи – Јанев изработи прашалник со структурирани прашања во рамките на проектот „Кликни мудро” на ЗГ „Медиа плус“. Прашалниците ги пополнуваа средношколци на возраст од 15-18 години од прва, втори и четврта година од три средни училишта во Штип, во кои доминираат тие на возраст на 15 и 16 години. Од нив 39,9% се ученици во ЕМУЦ „Коле Нехтенин“, 35,2% од гимназијата СОУ „Славчо Стојменски“ и 24,9% од СОУ „Јане Сандански“.
Оваа активност беше спроведувана од март до мај 2022 година.
Наодите во анализата во прилог: