Eврото надмина 62 денари, но во шпекулативните новинарски текстови
„Еврото надмина 62 денари“ е еден по насловите објавени на повеќето медиуми во земјава, кои ги следат пишувањата од социјалните мрежи, каде неколку часа порано беше споделувана фотографија со однос денар – евро. Во текстот што го рецензираме новинарот се повикува на информации објавени на Гугл, а во прилог, како што пишува, споделува и курсната листа на Народна Банка, без објаснување за каква листа се работи.
„ Цената на еврото надмина 62 македонски денари. Кога ќе го побарате курсот на Google ќе забележите дека вредноста на 1 евро во моментов изнесува 62,06 денари. Тоа е највисока вредност на еврото во однос на денарот во последните 5 години ,се вели во дел од објавената информација, со напомена дека оваа констатација ја базира врз основа на она што го нуди Гугл, што и не може да се земе како релевантен извор, со оглед на фактот што не се кажува по чија крсна листа се базира информацијата-официјална или неофицијална.
Подолу во текстот, авторот на текстот „ја потврдува“ информацијата и од курсната листа на НБСМ, меѓутоа линкот што се посочува за потврда на информацијата се однесува на курсната листа за потребите на државните органи, каде што се вели дека продажниот курс е 62,0035 денари за едно евро.
И насловот и текстот, лесно се прифатливи за читателот со оглед на моментот на објавата, постојаните најави за кризи, енергетски, економски, на кои секако би кумувала и инфлацијата, па истата изгледа веродостојна и очекувана.
Новинарот само споделува курсни листи и додава:
„Нема објаснување што е причината за падот на македонската национална валута“.
Одговорот со демант стигна од Народна банка, меѓутоа вниманието што го привлече самиот наслов, содржината во него и шпекулативните пишувања на корисниците на социјалните мрежи ја дезинформираa јавноста.
„Погрешни се информациите кои излегоа на некои од порталите и на социјалните мрежи дека е покачен курсот на еврото. Во објавите се прави забуна помеѓу курсната листа за вршење на платен промет со странство за потребите на државните органи, со средниот курс кој е релевантен податок за вредноста на валутите, се вели во информацијата од НБ. Девизниот курс на денарот е стабилен и нема промени во неговото ниво. Средниот курс на еврото според курсната листа на Народната банка изнесува 61,69 денари и истиот е непроменет во однос на лани“, одговорија од НБРМ
На веб страната на НБ стои дека „Народната банка го врши платниот промет со странство за потребите на државата и државните органи согласно со овластувањата коишто произлегуваат од одредбите на Законот за Народна банка на Република Македонија и Законот за девизно работење. Платниот промет со странство се врши преку сметки во странска валута на Народната банка отворени во странски централни и комерцијални банки со кои има воспоставено кореспондентни односи и со посредно учество во платниот систем ТАРГЕТ2 преку централни банки од Евросистемот.
Тоа значи дека овие плаќања НБ ги врши врз основа на курсната листа за вршење на платен промет на државните органи а којашто некои од медиумите ја посочуваат како извор за да потврдат дека еврото надминало 62 денари.
Според професорот на Економскиот факултет на УКИМ, Борче Треновски, поместувањата што се случуваат во моментов на официјалната курсна листа се минимални.
„ Ние со години дефакто имаме фиксен девизен курс и нема никакво поместување. Граѓаните треба особено да бидат внимателни на ваквите шпекулативни епизоди. Ова што сега се случува со еврото е навистина шпекулативен обид, погрешно пренесени информации, а потоа преземени и раширени и од други медиуми. Овие информации негативно влијаат на однесувањето на луѓето. Можно е создавање паника и во бакарскиот сектор, да почнат луѓето да ги вадат своите пари да ги претвараат во други валути, да се одложуваат одредени инвестиции. Граѓаните треба да знаат дека инфлацијата не значи и девалвација на денарот, не значи дека односот на еврото спрема денарот е сменета или ќе се смени. Нашата држава е увозно зависна и ние разменуваме над 90% од БДП со странство. Ако имаме глобални поместувања и зголемувања, не постојат мерки во државата кои што целосно ќе ги елиминираат штетите од поскапувањата. Се разбира може да се обидат со мерки за стопанството, ранливите категории, замрзнување на цени, но и тоа не може да се прави премногу долго време и неограничено,“ појаснува Треновски.
Според Кодексот на новинарите во онлајн сферата „Онлајн медиумите ќе го почитуваат правото на граѓаните да добиваат навремени, проверени, точни и објективни информации за темите кои се од јавно значење и никако нема да дозволат искривување на вестите и манипулирање со информациите и податоците.
Објавениот текст, цел на нашата рецензија е типичен пример на манипулирање со луѓето преку давање и споделување неточни информации. Мисинформациите главно се однесуваат на погрешни информации чија цел е да доведат некого во заблуда, но тие се создадени или раширени без манипулативни или малициозни намери.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.