Информацијата дека „Беса Транс“ повторно организира патувања е базирана на еден статус од социјална мрежа

Твит на корисник на социјалната мрежа Твитер без никаква новинарска обработка, искористен за новинарски текст на портал, информира дека компанијата „Беса Транс“, во чиј автобус загинаа 45 луѓе пред три недели, повтoрно организира патувања. Оваа информација потоа ја презедоа и други портали, што ја дополнија и со демант од компанијата.

Туристичката агенција чиј автобус предизвика сообраќајна несреќа наводно повторно организира тури за патување надвор од државва. Ова го пријавија до редакцијата на 4NEWS.mk неколку граѓани, на кои за ова им соопштиле нивни пријатели“, пишува порталот и додава дека обиделе да ја проверат информацијата, нона телефонскиот број не се јавува никој“.

Како поткрепа на објавената информација, во текстот се додава:

И по социјалните мрежи се објавуваат статуси дека Беса Транс повторно работи како во старите времиња“.

Компанијата, на која и’ е одземена лиценцата за работа по трагичната несреќа и во се’ уште се води истрага, подоцна во текот на денот го демантираше пишувањето.

Jа известуваме пошироката јавност дека „Беса транс ДООЕЛ“ ниту може, ниту сака да организира транспорт (екскурзии), бидејќи компанијата е фокусирана на соработка со институциите на Македонија и Бугарија, за брзо да се откријат причините за ужасната несреќа“. – „Беса Транс“

Објавата на порталот целосно се коси со основните новинарски стадарди и правилото информацијата да се провери. Во Насоките за етичко известување во онлајн медиумите, пишува:

При користењето информации добиени од социјалните мрежи, од веб-страници, блогови или други извори на интернет, онлајн медиумите внимателно ќе ја проверат нивната веродостојност и кредибилност“.

Пренесената и дополнетата содржина од Твитер ја користи друг портал, кој иако го пренел и демантот на „Беса Транс“, објававува текст со типичен кликбејт наслов: Туристи договараат аранжмани со „Беса Транс“, надлежните тврдат не можат ни вонреден надзор да направат.

Во текстот се тврди дека „Беса Транс“ и покрај забраната и натаму организира патувања: „Од самата агенција им го потврдиле на дел од медиумите кои се обиделе да дознаат дали е вистина дека и покрај забраната, додека трае истрагата, „Беса транс“ сепак си работи. Дојавата стигнала од македонски граѓани кои се јавиле директно таму во обид да резервираат патување во Турција“.

Текстот повторно пренесува шпекулации, но никаде нема потврда или демант. Во најмала рака медиумот требало да ги идентификува како што пишува, „ македонски граѓани кои се јавиле директно таму во обид да резервираат патување во Турција“.

Во Насоките за етичко известување во онлајн медиумите во толкувањето на членот 1 од Кодексот на новинари пишува:

Онлајн медиумите ќе известуваат само врз основа на факти чие потекло му е познато на новинарот, повикувајќи се на различни извори на информации и, по правило, потпирајќи се на јасно идентификувани и веродостојни извори“.

Според тоа, во текстовите кои се однесуваат на високо сензитивни теми од интерес на јавноста, новинарите медиумите особено треба да се придржуваат на правилото да се провери информацијата и да не се шпекулира.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.