Преку објавени аудио снимки за една партија, со наслов и текст се навива за друга партија
Портал објави текст со аудио снимки, во кој тврди дека гласот на близок роднина на лидер на една од партиите заедно со уште едно лице, кој бил доктор, ги убедуваат жителите од едно населено место во општина Василево, да гласаат за градоначалникот кој доаѓа од партијата кои што тие ја поддржуваат.
„Баџанакот на Мицкоски затечен во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, доктор бутал членови преку ред ама СДСМ секако е подобар избор“ е насловот на објавениот текст, во кој новинарот и констатира и коментира.
Веќе од самиот наслов, медиумот го насочува читателот со тоа што информира за одредени предизборни активности на една партија, но и констатира дека сепак тие активности ќе бидат безуспешни, затоа што другата партија е подобар избор.
Новинарот насловот го „поткрепува“ на крајот од текстот со потенцирање на резултатите од првиот круг на локалните избори,
„ ВМРО-ДПМНЕ убедливо загуби во Струмица. Втор круг со струмичкиот регион има во Ново Село и Василево. Пред неколку дена кандидатот за градоначалник на Василево физички нападна жена и советници од СДСМ.
Овие снимки очигледно покажуваат зошто има голема нервоза во редовите на опозициската партија.’ го завршува текстот новинарот.
Според „Прирачникот за етичко известување од избори“ на Здружението на новинари „Новинарите не смеат да пренагласуваат одредени аспекти на приказната, наслови кои погрешно ја прикажуваат содржината на веста и, се разбира, целосно фабрикување на вести, цитати, луѓе и настани. Новинарот треба да внимава на зборовите што ги користат, кои помагаат да се создаде разбирање или да се поттикнат погрешни перцепции или стравувања,“
Во самиот текст се пренесени три аудио снимки кои што се објавени на социјалните мрежи, снимени на партиски состанок во штаб на ВМРО-ДПМНЕ во општина Василево. Како што посочува авторот на текстот, „во снимката се слушаат гласовите на близок роднина на лидер на политичка партија и еден доктор, двајцата блиски до партијата чија опција ја застапуваат“.
Во текстот пишува дека овие лица ги уценувале присутните да ги убедат своите семејства да гласаат за партијата која што ја застапуваат, и покрај тоа што во претходниот круг овие луѓе гласале за другата политичка опција.
„Мора да ми обеќате оти тие 60 души ќе бидат завртени наспроти СДСМ, деца, роднини, браќа, сите“, пишува во текстот.
Во продолжение на текстот, во услови на предизборен период, новинарот си дозволува да коментира и да го насочува вниманието на јавноста.
„Очигледно ништо не се променило во опозициската партија, повторно тефтерчиња, повторно списоци на судии се спремаат. Се споменува и социјална помош, туѓа нега и слично.,“ се додава во текстот.
„ Дали положбата доктор ја злоупотребил Христов на овој начин? Дали членовите на ВМРО-ДПМНЕ се повеќе луѓе од обичните граѓани? Скандалозно, неетички.“-новинарот поставува прашања, но не дава одговор ниту пак се потрудил да ги добие од актерите во овој текст или од надлежните институции.
Кога од состанок кој можеби траел и повеќе часови се издвои она кое што оди во прилог на целта што сака да ја постигне новинарот, очигледна е намерата дека текстот манипулира и ја насочува јавноста, на штета на една а во корист на друга политичка партија.
„Изборите се голем и сериозен предизвик за медиумското известување, особено во кревките демократски општества. Тоа е период во кој потребите за промена на власта, политиката на дејствување и политичките актери се засилени и стануваат централен фокус на вниманието на јавноста и медиумите. Без добро и професионално медиумско известување, тешко е да се замислат чесни и слободни избори во државата“, пишува во Прирачникот за етичко известување од избори.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.