Новинарски текст манипулира со извештајот на ОДИХР за да оцрни министер

Рецензираме текст со насловот „ОБСЕ и ОДИХР му спукаа на Маричиќ: Законската рамка за изборните реформи е катастрофа“, во кој манипулативно го употребува извештајот од набљудувачката мисија на ОБСЕ, попатно употребувајќи навредливи зборови за министерот за правда, Бојан Маричиќ. Вметнатите зборови за министерот за првда, ниту ги содржи извештајот, ниту беа кажани на прес конференцијата, која беше одржана ден по Локалните избори 2021.

При тоа, текстот не нуди никакви информации за оценката на набљудувачите на ОДИХР, како и за забелешките за спроведувањето на првиот круг од локалните избори.

Низ целиот текст авторот зазема коментаторски став без никакви аргументи, пишувајќи:

„Досегашните министри за правда заедно со сегашниов да се заклучат и да замолчат засекогаш! Прават реформи со ДУДУЦИ без никаква анализа, безидејност, пиши-бриши-препиши тактика! Главни “стратези” во изборната реформа лица кои едвај го положија предметот Избори и изборни системи! Некои од нив дури и со сосема несоодветна стручна спрема“, пишува во текстот.

Авторот на текстот, кој не се потпишал, наместо да ја информира својата публика, како што тоа го налагаат Кодексот на новинари и другите документи за професионално известување, всушност ја дезинформира. Имено, извештајот чија интегрална верзија е достапна на неколку јазици, воопшто не го посочува министерот, Бојан Маричиќ, ниту пак кој било друг министер во земјава.

Понатаму во текстот не е наведено кој сѐ работел на изборните реформи во домашната легислатива, но сепак авторот на текстот смета дека оние кои работеле треба да замолчат. При тоа, користи несоодветен речник нарекувајќи ги „дудуци“ и тврди дека не се стручни. За публиката останува непознато кои нестручни стручњаци стојат зад изборните реформи. Освен тоа, текстот алудира на извештајот на ОДИХР чии набљудувачи констатираа дека се потребни сеопфатни реформи, но во текстот воопшто не се споменува дека таков документ е презентиран.

Извештајот на ОБСЕ е достапен интегрално на неколку јазици и во него не е наведено името на актуелниот министер, Маричиќ, ниту пак на кој било негов претходник. Тоа не беше спомнато ниту од шефицата на Набљудувачката мисија, Тана де Зулуета која го презентираше извештајот.

Со ваквиот текст е прекршен пред сѐ Кодексот на новинари, со оглед на тоа дека авторот спротивно од она што го налага ваквиот документ, ја искривува вистината и не ги почитува етичките вредности при пренесувањето на информациите.

Со него е прекршен член 1 во кој се наведува:

„Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“.

Понатаму, прекршен е и член 13, кој гласи:

„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“.

Ваквиот текст исто така, е спротивен и од член 15, кој вели: „Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста“.

Со самото ова, авторот не ги почитува ни насоките за етичко известување на онлајн медиумите издадени од Советот за етика во медумите, кој дава објаснувања за тоа како да се примени Новинарскиот кодекс во онлајн сферата на медиумите.

Онлајн медиумите ќе го почитуваат правото на граѓаните да добиваат навремени, проверени, точни и објективни информации за темите кои се од јавно значење и никако нема да дозволат искривување на вестите и манипулирање со информациите и податоците“, наведуваат од СЕММ, но иако во случајов се работи за онлајн објава, нејзините читатели добиваат искривена слика за она што реално беше презентирано и кажано во јавноста.

Принцпите кои ги прекршува авторот на овој текст, се наведени и во Повелбата за етичко известување за изборната кампања за локалните избори 2021 година.

Рецензираниот текст сепак, користи несоодветен речник и сензационалистички пристап, кој е дотолку проблематичен, што станува збор за специфичен период во кој на граѓаните им се потребни точни информации кои ќе може рационално да ги опсервираат и да донесат одлука во врска со искористувањето на сопственото гласачко право.

 

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementer/author Media plus and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementues/autore Media plus, dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.