Наплив од дезинформации за безвизниот режим за Западен Балакан и негово евентуално укинување

Интерен документ на „ЕУ Опсервер“ во кој се пишува за можни санкции во однос на визната либерализација поради злоупотреби од одредени земји од некои од македонските медиуми беше искористен да алармира дека С.Македонија може да остане без слободниот режим на патување во Европската унија.

Во еден од текстовите со наслов „Нов шок: Се бара укинување на БЕЗВИЗНИОТ режим за Македонија – нема веќе слободно патување низ Европа?!“ , се пишува за можни санкции во однос на визната либерализација поради злоупотреби од одредени земји, но насловот сугерира дека Македонија е една од земјите.

Иако на почетокот на самиот текст кој го рецензираме, се наведува дека „земјите членки бараат суспензија за безвизниот режим за Македонија, Балканот, како и Молдавија, Грузија и Украина“, надолу  авторот не се потрудил да објасни, туку продолжува со приказ на историјатот за тогашните посети на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи и претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен.

„Според документот, Германија, Франција и Италија биле гневни на злоупотребата на слободниот визен режим од споменатите земји. Посебен проблем за Македонија претставува Белгија, од каде велат дека ова лето се зголемиле барањата за азил. Таму сега се проверувало дали станува збор за можеби изолирани случаи“ – се наведува во веста која ја рецензираме.

Симптоматично е самото нагласување на „Македонија“, иако во текстот на „ЕУ Опсервер“ се пишува за само некои земји од Западен Балкан, Молдавија, Грузија и Украина.  Македонија не е спомената меѓу оние кои го прекршуваат визниот режим. Земјава е само наведена во забелешката на Белгија, во која се наведува дека имало релативно зголемен број на баратели на азил, но дека можеби се работи за привремен „летен“ феномен.

Со самиот наслов, кој најавува „Нов шок“ и продолжува дека се „бара укинување на БЕЗВИЗНИОТ режим за Македонија“ се создава заблуда во јавноста  дека се бара укинување на безвизниот режим исклучиво за земјава, па нема да има „слободно патување низ Европа“. Ваквиот наслов значително влијае врз разбирањето на веста од страна на читателот.

Дополнително внатре во самиот текст, новинарот свесно ги изоставил другите факти наведени во текстот на „ЕУ Опсервер“, а и не ги проверил сите достапни извори при пренесувањето на ваква битна информација.

Во овој случај новинарот наместо да придонесе за подобро разбирање на темата преку внимателно разгледување на фактите и претставување на целиот контекст, тој создава намерно искривување на реалноста.

Новинарот со ова  прекршува повеќе членови од Кодексот на новинари, меѓу кои и член еден и насоките 1.2 и 1.3 од Насоките за етичко известување во онлајн медиумите, во кои се вели:

„Онлајн медиумите нема да прикриваат или премолчуваат важни информации чие објавување би можело да влијае врз толкувањето или разбирањето на содржината на извештајот од страна на читателите. Премолчувањето на фактите кои можат битно да влијаат врз формирањето на ставот за некој настан или личност е еднакво на намерно искривување на реалноста и создавање дезинформации“.

„Онлајн медиумите нема да објавуваат неточни, пристрасни или манипулативно обликувани текстови, фотографии или други содржини со кои читателите намерно се доведувaат во заблуда. Фотомонтажите, обработените фотографии или други интервенции во автентични документ“.

Имено иако Владата одби да ја коментира ваквата информација, еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, вели дека е предложено суспендирање на безвизниот режим, но дека тоа не се однесува на Западен Балкан.

„Имаме нова алатка во раце во визниот кодекс според кој Комисијата секоја година проценува како третите земји соработуваат за реадмисија и ако тоа не го прават, предлагаме санкции за олеснетиот визен режим кон овие земји. За првпат Комисијата го презентираше предлогот летово и сега се процесуира на Совет и ја чекаме одлуката на Советот во следниот период. Но ниедна од земјите од Западен Балкан не се наоѓа во нашиот предлог“, – истакна Илва Јохансон.

 

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.