Градоначалникот на Тирана не изјавил дека има договор за 25% Албанци на Пописот
Споделен пост на официјалниот профил на пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев алармира на постоење на наводен договор на албанските партии со премиерот Зоран Заев на Пописот.
Апасиев споделува принтскрин објавен на Фејсбук профилот на иницијативата „Не отворам врата“, од објавен текст под наслов:„Градоначалникот на Тирана: На Пописот Албанците ќе бидат над 25%“.
Понатаму во принтскринот од текстот пишува:
„Градоначалникот на Тирана Ерион Велиај во интервју за националната телевизија на Албанија призна дека албанските партии во Северна Македонија, заедно со премиерот Зоран Заев се договорени за процентот на Албанци во Северна Македонија“.
Двата поста се дочекани со реакции и споделувања. Постот од Иницијативата „Не отварам врата“ има 93 реакции и 89 споделувања, додека од кај Апасиев – 200 допаѓања и 26 споделувања.
Со оглед на важноста на оваа изјава, во ситуација кога Пописот го следат отворени констраверзии искажани главно од опозиција, спроведовме пошироко пребарување на интернет. При пребарување се задржавме дополнително и на медиумите во Албанија, особено, Албанската национална телевизија (RTSH), каде според споделениот текст, било дадено интервјуто на градоначалникот на Тирана. Меѓутоа, никаде не наидовме на ист или сличен наслов или текст со исти и или слични наводи.
Меѓу медиските написи може да се најде изјава на Велиај за македонскиот Попис, но само повик до граѓаните да се попишат, изјава дадена по средбата што во април ја имаше со првиот вицепремиер во македонската влада, Артан Груби, при неговата посета на Тирана.
„Ги поканувам сите пријатели, особено Албанците од Северна Македонија, и не само оние што живеат во Албанија или каде било во светот, да се регистрираат на страната за Попис на Државниот завод за статистика на Северна Македонија. Процесот трае само 5 минути и секој може да се регистрира, сопругот, децата, членовите на семејството, родителите – тоа е патриотски чин, кој им гарантира на Албанците во Северна Македонија, права што се стекнати со многу, многу напор, многу пот, дури и со многу, многу крв “, повикува Велиај.
Оваа изјава е дел од извештајот за посетата на Груби, објавен на официјалната интернет страна на Градот Тирана.
За до крај да се расветлат фактите, се обративме до градоначалникот Ерион Велиај преку неговиот официјален мејл на Градот Тирана. Ден подоцна добивме одговор на нашите прашања:
„Никогаш немам кажано, ниту имам напишано такво нешто, ниту пак го знам човекот“, одговори Велиај.
Иницијативата „Не отворам врата“ отворено се противи на спроведувањето на Пописот со објаснување како да се избегне попишувањето. Изработена е и лепенка, со истиот назив, која според Иницијативата, треба да се залепи на врата на граѓанинот, кој не сака да се попише. Пратеникот и лидер на Апасиев го споделува постот на својот профил,со како што пишува,
„ УПАТСТВТО ЗА НЕУЧЕСТВО во фингираниот Попис 2021“.
„Пописот за отпис на Македонците можеме да го срушиме само со масовно неучество“ – е ставот на Апасиев.
Државниот завод за статистика (ДЗС), кој го спроведува Пописот, соопшти дека е попишувањето завршено успешно, додека резултате се очекуваат по шест месеци, во март 2022 година.
This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementer/author Media plus and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementues/autore Media plus, dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.