Анонимно писмо искористено како политички памфлет
Со прашален наслов „Што се случува во Детската градинка во Кочани“? електронски медиум пренесува став на граѓанин на Кочани, со серија напади наменети за детската градинка и директорот, без при тоа да се почитува основното новинарско правило – да се слушне другата страна. Авторот на текстот својот изговор го нашол со тоа што додал една реченица дека станува збор за „писмена реакција“ на граѓанин „кој што реагира во врска со негативно искуство со менаџментот на детската градинка во Кочани“.
Не е назначено до кого е писмото, ниту името на градинката, но медиумот има разбирање кон граѓанинот и како што пишува „интегрално го пренесуваме овој текст со целосна дискреција кон идентитетот на авторот“.
Текстот продолжува со лично обраќање и совети кон директорот на кочанската детска градинка.
„ДИТА, да бидеш директор на некоја Кочанската институција значи да се трудиш таа институција да напредува, вработените да учат нови вештини и да се прилагодат кон новите текови на живеење“.
Со објавувањето на оваа содржина, електронскиот медиум направил серија прекршување на основните новинарски правила и Кодексот на новинари. Освен основниот стандард во новинарството – да се праша другата страна и да се адресираат поставените прашања, медиумот со објавата ги прекршил и Принципите на однесувања:
„Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни“.
„Онлајн медиумите ќе настојуваат секогаш да го наведат изворот на информацијата со конкретно и прецизно упатување на тој извор. При користењето информации добиени од социјалните мрежи, од веб-страници, блогови или други извори на интернет, онлајн медиумите внимателно ќе ја проверат нивната веродостојност и кредибилност“.
Насоки за етичко известување во онлајн медиумите,(СЕММ, 2021)
Текстот продолжува со серија обвинувања за начинот на водење на образовните институции, за да констатира:
„Но затоа за деца на вмровци нема место во градинките!“
На крајот текстот е искористен како политички памфлет и да упати политичка порака и до актуелниот градоначалник на Кочани, Николчо Илијев:
„Време е оваа хунта да си оди заедно со Николчо Илијев!!!”
Советот на етика во медиумите (СЕММ) во прирачникот „Насоки за етичко известување во онлајн медиумите“, во делот за примена на членот 13 од Кодексот на новинарите пишува:
„Онлајн медиумите, при пренесувањето тврдења на политички субјекти или други извори, ќе настојуваат секогаш кога е тоа можно да ги проверат тие тврдења, односно да не бидат само пренесувачи на „сервирани факти“ од некој друг. Со тоа, на публиката ќе ѝ овозможат да прави разлика меѓу фактите и шпекулациите или дезинформациите, особено кога станува збор за важни и актуелни случувања и теми“.
На слабостите во медиумскиот онлајн простор укажува и Европската Унија во Извештајот за напредок во 2018 година, каде е нотирано „непрофесионалното етичко известување, со забелешка дека „политичката поларизација се одразува во онлајн медиумите, каде што се забележува говор на омраза и прекршување на стандардите во Етичкиот кодекс“.
Медиумите, особено тие во интернет просторот, имаат особено одговорна улога во време како сегашното кога се спроведува предизборната кампања за Локалните избори 2021. Затоа, почитувањето на основните новинарски стандарди и правила на етичко известување може само да придонесе кон спроведување на фер и демократски избори и демократизација на општеството.
This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementer/author Media plus and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementues/autore Media plus, dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.