За говорот на омраза и лажните вести Медиа плус ќе ги едуцира граѓаните

 

Како да се препознаат лажните вести и кое е влијанието на јавно пласираниот говор на омраза врз општествените текови – ова се само дел од прашањата на кои Здружението „Медиа плус“ ќе одговори на суптилен и несекојдневен начин. Преку мултимедијални содржини, Здружението ќе ја поттикне јавноста рационално да размислува и критички да ги опсервира општествените прашања.

Овие содржини ќе бидат пласирани во следните шест месеци во рамките на проектот „Медиумски писмен граѓанин – за чест без стрес, најди ја вистинската вест“.

Содржините ќе ги пласира партнерскиот медиум во проектот, радио Канал 77 кој преку интеракција со публиката ќе овозможи подобро да се разберат содржините што континуиранио се пласираат во медиумите. Не се’ што е скандалозно претставува скандал, не се’ што е ексклузивно е вест воопшто – се пораките кои Здружението и националната радио станица ќе ги испратат до граѓаните со цел да ги едуцираат за медиумската писменост.

Тимот на Медиа плус вели дека идејата се родила откако Македонија стана „популарна“ на меѓународен план, со тоа што тинејџерите од Велес со лажни вести за време на претседателските избори во САД успеаја да заработат 200 000 долари.

Како Граѓанско здружение кое цели кон позитивни промени, афирмирајќи ги општествените вредности Медиа плус ја препозна потребата од медиумско описменување на граѓаните. За таа цел ќе се реализира новиот проект преку кој ќе се придонесе граѓаните критички да ги опсервираат вестите до кои доаѓаат – појаснуваат од тимот.