Во Куманово инфо средба за проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност-КриТинк”

Граѓанските организации од североисточниот регион, денеска во Занаетчискиот дом – Куманово се информираа за тоа како да аплицираат за вториот циклус грантови во партнерство со медиумите во рамки на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк” на  Фондацијата Метаморфозис и Евротинк – Центар за европски стратегии  поддржан од Европската Унија.

Конкурсот за  десетте грантови за невладините организации од осумтте плански региони е објавен на 31-ви мај, а ќе трае до 15-ти јули годинава. Основна цел на проектот е да промовира медумска писменост како основа за зачувување на правото на граѓаните, организациите и медиумите да креираат проекти преку кои граѓаните ќе понудат различни мислења, стимулирање на култура за критичко мислење, плурализам на мислења и демократски вредности. Медиумите и граѓанските организации ќе работат заеднички на остварување на овие цели.

„Проектот има истражувачки дел со кој се собираат сите информации за потребите на граѓаните, со цел заедно со институциите да се помогне во надградување на образовниот систем и за тоа имаме соработка и со Министерство за образование и со Биро за развој на образование и со Агенцијата за медиуми. Целта е да се опфати целата држава и локалните специфичности, географската, културната, социјалната разновидност. Надворешното жири ќе ги оценува проектите“,  изјави Филип Стојановски од Фондацијата „Метарморфозис”

„Би поддржале проекти базирани на култура на критичко мислење преку едукација за медиумска писменост. Веруваме дека и сега  граѓанските организации во партнерство со медиумите како што досега се покажа се креативни и ги задоволуваат локалните потреби“, нагласи Стојановски.

Од Метаморфозис истакнаа дека изминатиот циклус биле реализирани бројни активности, обуки за средношколци, граѓански организации, работа со новинари, запознавање на децата со функционирањето на медиумите.

Дел од тие активности за медиумска писменост ги реализираше Здружението Медиа плус во соработка со радио Канал 77 во рамките на проектот „Медиумски писмен граѓанин – За чест без стрес најди ја вистинската вест“. Во рамките на проектот беа реализирани аудио и видео спотови со цел да се поттикнат младите на критичко размислување.