Штип: Подобра патна инфраструктура меѓу желбите и можностите на локалната власт

Шеесет милиони денари предвидува штипската локална самоуправа за подобрување на патната инфраструктура за оваа година. Ќе бидат ли доволни да се решат барем дел проблемите креирани со години наназад. Познавачите велат потребна е стратегија и добро менаџирање.

Избраздени и нашминкани улици, улици со дупки и без дупки, со и без тротоари…Куќи без уличен пристап ,улици со коцки,калдрма или обичен земјен пат. Така некако би можеле да ја опишеме уличната инфраструктура во Штип во моментов, која според информациите од надлежните служби е во должина од 110 километри. Во центарот на градот некои од улиците имаат тротоари но како да ги нема. Предност имаат возилата, масите и столовите на кафулињата, но не и пешаците.

Зошто состојбата по штипските улици и понатаму е катастрофална , кога според информации од Локалната самоуправа добиени преку слободен пристап на информации пред година и пол само во 2016 година, биле асфалтирани околу 100 километри пат како во градот така и по селата и за тоа биле потрошени 106 108 435 денари.

„Она што изминатите години се направи околку реконструкциите на улиците беше по некој нов слој врз стариот, што ни оддалеку не ги задоволи потребите. Со ставањето на слојот се покрија шахтите, сега мораме да ги подигаме“, вели директорот на Ј.П Стипион Сашо Протогеров.

Бочварски: Проблематична е состојбата со тротоарите и улиците во Штип

Состојбата со тротоарите и улиците во градот, штипскиот градоначалник Благој Бочварски ја оцени како проблематична. „Тоа е главниот проблем со чиешто решавање веднаш се зафати новата локална власт“, вели Бочварски.

„Состојбата во која ги затекнавме тротоарите и улиците во општина Штип, кои беа изградени односно надградени со асфалт во претходниот период беше проблематична. Уште на самиот почеток беше констатирано дека на сите улици и ревизиони шахти, решетките и улишните шсливници се денивелирани или покриени со афалт и потребно е истите да се корегираа на кота на асфалт. Тие активности веднаш беа преземени со што состојбата со шахтите и сливниците беше регулирано. Според предлог-програмата за уредување на грдежното земјиште за 2018 година предвидени се средства од 60 милиони денари. Истите треба да се искористат за изградба, реконструкција и одржување на комуналните објекти во градот и изготвување на инвестициона-техничка документација“, образложи Бочварски.

Сообраќајниот режим го отежнува движењето по штипските улици

Не само состојбата со улиците и тротоарите и самиот сообраќаен режим дополнително го отежнува движењето и по штипските улици. Луѓето велат ако некој се разболи, прашање е дали навреме ќе стигне во болница, под услов да не се заглави во штипскиот еднонасочен сообраќен режим. Со проблеми се соочуваат и инвалидите, тешко е движењето по штипските улици, велат тие, недстасуваат рампи, паркинзи.

„Состојбата со улиците и тротоарите во градот не е проблем од вчера и не може да се реши денес. Пропусти се правеле од секогаш. Способноста на локалните власти , можностите но и средствата со кои што се располага, влијаеле на решавањето на проблемот со патната инфраструктура“, вели градежниот инжинер, Владо Буклев.

„Состојбата во градот тешко да се промени со новата власт, бидејќи изворите за финансирање на сите потребни зафати не се прецизирани и ги нема. Желбата е едно, но можностите се друго. Многу е тешко да тие две работи да се искординираат, бидејќи сите давачки што се земаат од комуналии се мали и не можат да ги задоволат потребите“, смета Буклев.

Буклев: Легализацијата на дивоградбите ја проблематизира целата ситуација

Проблем плус во целата оваа ситуација е и легализацијата на дивоградбите. Во буџетот влегоа пари, но со нив треба да се решат комуналните потреби и на легализираните дивоградби но и на оние коишто не беа дивоградби и чии што сопстевници очекуваат според она што го платиле, да добијат пристапен пат и тротоари од двете страни на улицата.

„Легализацијата беше популистичка мерка за придобивање на граѓаните. Се даде можност, условно за 200 евра да се легализира објектот а општината можеби ќе треба да вложи 5000 евра за да направи пристапен пат, водовод канализација. Средствата што се собрани од комуналии се разводнуваат на повеќе места, па се случува да нема пари и за оние коишто платиле најрегуларно. Нивните пари влегле во купот, пари што се многу малку за да се завршат сите работи. Затоа улиците остануваат недоправени, се прават потесни или со само еден тротоар“, вели Буклев.

Со ограничени средства до приоритизирање на инфраструктурата

Дека средствата се ограничени се согласува и штипскиот градоначалник Бочварски, но тоа е законска обврска и мора да се почитува:

„Ние согласно нашите закони и средствата кои ни стојат на располагање на сметката на општината ќе продолжиме со изградба на инфраструктурата таму каде што е најпотребно , но знаеме дека тие средства се ограничени“.

„Програмата на новата локлна власт приоритет дава во решавањето на инфраструктурата. Таа е градена врз основа на барањата и потребите на граѓаните“, додава Бочварски.

„Предвидено е изработување на инвестиционо-техничка документација за улици како на пример изработка на проекти за реконструкција на крстосницата на улица Сремски фронт и улицата Борис Крајгер, реконструкција на крстосницата кај ресторанот Мал одмор, изработка на проект за обиколница од Булеварот Гоце делчев до спортско-рекреативниот Кежовица. Предвидено е реконструкција и асфалтирање на дел од улиците Сутјеска, Партизанска, дел од улиците Солидарност, Браќа Даневи, Плачковички одреди, дел од улицата Борко Талев и уште многу други“, најавува градоначалникот.

Предвидена е и изградба и реконструкција на повеќе улици доколку општината обезбеди средства. Според програмата ќе се градат и тротоари, што како активност ќе се интензивира во следните шест месеци.

„Предвидено е уредување на тротоари во населбите „Осми Ноември„ и ,,Автокоманда”, во центарот на градот и на други места. Предвидена е реконструкција на тротоарите на барање на Урбаните заедници, доколку општината обезбеди финансиски средства.

„За таа цел располагаме со 7000 метри квадратни бехатон, којшто во следните шест месеци ќе бидат искористени, за реконструкција или пробивање на нови тротоари во најкритичните точки за пешаците“, појаснува Бочварски.

Познавачите на состојбите сметаат дека патната инфраструктура и огромните пропусти направени во минатото, тешко дека може комплетно да се средат но може да се подобрат.

„Мора да постои стратегија и секогаш подготвени проекти, кои ќе се нудат таму каде што има пари“, смета градежниот инжинер Владо Буклев.

„Прво треба да се направи прецизно согледување со зацртани правци на делување и како ќе се одржува патната инфраструктура. Во еден од плановите што порано беше актуелен стоеше изградбата на тунел, од центарот на градот кон Дујлет, обиколница, се’ што е потребно да направиме еден современ град.Треба кафулињата да ги вратат тротоарите. Општината да се откаже од парите што ги зема како надомест за сметка на безбедноста на граѓаните“, додава тој.

Новата локална самоуправа го прифати предизвикот, изготви програма со која смета дека многу проблеми кога станува збор за партната инфраструктура ќе се решат или донекаде ќе се анулираат. Ј.П Стипион треба да ја реализира програмата којашто Советот доправа треба да ја усвои.На јавната расправа којашто ја орагнизира Здружението на граѓани Медиа плус на тема „Изградбата и обнова на улици и тротоари”, штипјани ќе можат да ја слушнат програмата, но и да учествуваат со свои предлози и сугестии.