Граѓаните и надлежните расправаа за квалитетот на водата за пиење во Штип
Каков е квалитетот на водата што секојдневно ја пијат граѓаните на Општина Штип – околу ова прашање, копјата денеска ги кршеа претставници на граѓанскиот сектор и на локалната самоуправа. Тие ги истакнаа своите идеи и предлози на јавната расправа што ја организираше Здружението на граѓани „Медиа плус“.
Планинската вода од хидросистемот „Злетовица“ стигнува до филтер станицата, но засега со вода од „Злетовица“ се снабдуваат само Свети Николе и Пробиштип. Штипјани со вода се снабдуваат од подземни бунари во реката Брегалница, оценета како една од најзагадените реки во државата.
Планинската вода од хидросистемот „Злетовица“ стигнува до филтер станицата, но засега со вода од „Злетовица“ се снабдуваат само Свети Николе и Пробиштип. Штипјани со вода се снабдуваат од подземни бунари во реката Брегалница, оценета како една од најзагадените реки во државата.
Надлежните тврдат дека граѓаните добиваат квалитетна вода за пиење. Градоначалникот, Благој Бочварски дециден – институциите треба да дадат зелено светло за и Штип конечно да ја преземе водата од овој хидросистем.
„Почнуваме со истражување, а не директно со пуштање на водата од системите. На таков начин ќе работиме и понатаму, ќе правиме нови истражувања. Доколку се покаже дека водата ги има сите квалитети, таа вода ќе може да ја користиме. Доколку има сто денови во годината кога таа вода не може да се користи автоматски се исклучува системот од хидросистемот Злетовица и се приклучуваме повторно на системите. Нема да биде пуштена вода која не е употреблива за граѓаните. Ќе бидат повикани сите надлежни инситутции и дококу се тврди од било која страна дека водата не е квалитетна тоа ќе го покажат сериозни истражувања зад кои стојат стручни и овластени лица“, изјави Бочварски.
Според претставникот на ХС „Злетовица“, Миле Моневски годишно во просек има педесетина денови во кои се добива матна вода од овој хидросистем и тоа е во оние денови кога има обилни дождови.
„Има заматување бидејќи тоа се површински води и сливното подрачје на злетовска река има доста брзотеци и водотеци кои ја матат водата. Таа се стабилизира за десетина часа но во тој период е потребно Штип да се снабди со вода. Затоа Штип има сега филтер станица која кога има поголеми дождови може да се снабдува со таа вода. За квалитетот зборуваат резултатите од интензивните анализи што се вршат секој месец и се испраќаат до сите релевантни инситутции во државата. Досега не се случило освен матност да покажат други резултати кои би укажале на неквалитена вода“, нагласи Моневски.
Од Јавното претпријатие „Исар“ не гледаат на заматената вода како проблем, бидејќи како што сметаат оттаму, филтер станицата на Претпријатието е технолошки опремена и може за миг да се префрла од водите кои доаѓаат од „Злетовица“ на водите кои доаѓаат од бунарскиот систем.
Еден од претставниците на невладиниот сектор, Трајче Митев забележа на тоа што во Штип има околу 40 км азбести цевки, кои како што рече тој, треба да се сменат бидејќи тие веќе се распаѓаат. Професорите од Универзитетот „Гоце Делчев“ кои присуствуваа на денешната расправа, сепак реплицираа дека азбестот не е поврзан со водата. Азбестото влакно, потенцираа тие, е штетно за дишење, но не е поврзано во квалитетот на водата.
Инаку, хидросистемот „Злетовица“ е изграден пред пет години, со цел оттаму со вода за пиење да се обезбедат пет општини (Штип, Пробиштип, Свети Николе, Лозово и Карбинци. Засега во Штип, каде живеат над 43 000 жители, бунарскиот систем е единствен систем за водоснабдување.
Обезбедувањето квалитетна вода за пиење се наметна како тема на денешната јавна расправа, врз основа на приоритетните прашања, за кои граѓаните се изјаснуваа преку онлајн анкета, но и на предизборниот форум кој „Медиа плус“ го организираше во септември годинава.
Здружението на граѓани „Медиа плус“ реализира проект, кој им овозможува на граѓаните да учествуваат во следењето на предизборниот, изборниот и постизборниот процес од Локалните избори 2017. Проектот се фокусира на изборните програми и ветувања во корелација со отвореноста и отчетноста на Советот на општината и градоначалникот.