Граѓаните на Штип и надлежните в петок ќе расправаат за квалитетот на водата за пиење

Водоснабдување, квалитет на водата за пиење, одвод и канализација – ова се темите за кои граѓаните на Штип следниот петок ќе расправаат со претставниците на надлежните институции, но и на локалната власт.

Јавната расправа ќе се одржи во 11 часот во Мала сала бр.2 во Општина Штип и е отворена за сите заинтересирани. Настанот го организира Здружението на граѓани „Медиа плус“, со цел, јавноста подлабоко да се запознае со тековните состојби, но и со планираните проекти во овие области.

На расправата ќе се обратат штипскиот градоначалник, Благој Бочварски; ректорот на УГД – Штип, Блажо Боев; директорот на ЈП „Злетовица“, Тодорче Николовски и в.д. ЈП „Исар“ – Штип, Живко Тасев. Покрај ова, поканети се и претставници на невладини организации и на други јавни институции, кои ќе дадат предлози за тоа како да се надминат тековните предизвици.

Овие прашања се наметнаа како теми за претстојната расправа, откако граѓаните преку онлајн анкета и предизборен форум се изјаснуваа за она што според нив, треба да и биде приоритет на локалната власт.

Граѓаните ја пополнуваа анкетата во текот на летниот период, по што „Медиа плус“ организираше медиумски појадок на кој и ги предочи на јавноста сите оние прашања кои штипјани ги навеле како приоритетни за решавање. За граѓанските приоритети се дискутираше и на предизборниот Форум организиран во септември, каде со свои ставови и предлози излегоа и претставници на неколку политички партии.

Здружението на граѓани „Медиа плус“ реализира проект, кој им овозможува на граѓаните да учествуваат во следењето на предизборниот, изборниот и постизборниот процес од Локалните избори 2017. Проектот се фокусира на изборните програми и ветувања во корелација со отвореноста и отчетноста на Советот на општината и градоначалникот.