Граѓаните на Штип и надлежните в петок ќе расправаат за квалитетот на водата за пиење
Водоснабдување, квалитет на водата за пиење, одвод и канализација – ова се темите за кои граѓаните на Штип следниот петок ќе расправаат со претставниците на надлежните институции, но и на локалната власт.
Јавната расправа ќе се одржи во 11 часот во Мала сала бр.2 во Општина Штип и е отворена за сите заинтересирани. Настанот го организира Здружението на граѓани „Медиа плус“, со цел, јавноста подлабоко да се запознае со тековните состојби, но и со планираните проекти во овие области.
На расправата ќе се обратат штипскиот градоначалник, Благој Бочварски; ректорот на УГД – Штип, Блажо Боев; директорот на ЈП „Злетовица“, Тодорче Николовски и в.д. ЈП „Исар“ – Штип, Живко Тасев. Покрај ова, поканети се и претставници на невладини организации и на други јавни институции, кои ќе дадат предлози за тоа како да се надминат тековните предизвици.
Овие прашања се наметнаа како теми за претстојната расправа, откако граѓаните преку онлајн анкета и предизборен форум се изјаснуваа за она што според нив, треба да и’ биде приоритет на локалната власт.
Граѓаните ја пополнуваа анкетата во текот на летниот период, по што „Медиа плус“ организираше медиумски појадок на кој и’ ги предочи на јавноста сите оние прашања кои штипјани ги навеле како приоритетни за решавање. За граѓанските приоритети се дискутираше и на предизборниот Форум организиран во септември, каде со свои ставови и предлози излегоа и претставници на неколку политички партии.
Здружението на граѓани „Медиа плус“ реализира проект, кој им овозможува на граѓаните да учествуваат во следењето на предизборниот, изборниот и постизборниот процес од Локалните избори 2017. Проектот се фокусира на изборните програми и ветувања во корелација со отвореноста и отчетноста на Советот на општината и градоначалникот.