Национален форум „Граѓаните за промени – Ден на граѓанските организации“
Во рамки на кампањата „Заедно зборуваме – Together we Speak“ на ЦИВИКУС – Светската алијанса за граѓанска партиципација денеска во Градски Парк кај Школка се одржа Националниот форум „Граѓаните за промени – Ден на граѓанските организации“ во организација на Цивика мобилитас.
Програмата беше обоена со повеќе од 30 настани преку кои повеќе од 40 граѓански организации ги доближија своите мисии, визии, залагања и постигнувања, до намерните и случајните минувачи.
Меѓу работилниците, проекциите и креативните катчиња, се зборуваше за идеја и желба за промени кон подобро, но и се уживаше со музика. Во програмата се запишаа хорот Симбиосис, Шурбе, Џун, Концепт 59, РИБ и Тамара Тодевска.
И Канал 77 беше дел од креативната сложувалка, со програма во живо, но и со идеја како медиумски партнер за здружението „Медиа Плус“, да ја пренесе пораката за зајакнување на граѓанското општество со влијание на општествените текови преку медиумската заедница.
Здружението на граѓани „Медиа Плус“ од Штип е доброволно, непрофитно, невладино, непартиско здружение на граѓани, формирано со слободно здружување на граѓаните заради остварување, заштита и усогласување на своите интереси и уверувања за унапредување на граѓанското општество и локалните заедници, како и заради вршење на дејности и активности за поттикнување на моралните вредности, зајакнување на меѓуетничките односи и економкски развој на територијата на Македонија и пошироко.
Со оглед на тоа што медиумите ја имат контролната четврта власт и се главен коректор на општествените текови, „Медиа Плус“ организира промотивни настани и активности, и ги доближува граѓаните до медиумскиот свет со што е постигнува интерактивност и комуникација на сите делови во општеството.
Визијата на „Медиа Плус“ е да го насочи општеството кон просперитет со намалени конфликти социјални разлики и со помош на медиумите да ја подигне свеста на граѓаните.
Инаку семејството на „Цивика мобилитас“ денес брои 208 грантисти. Сите промени кои тие ги предизвикале, големи и мали, се важен дел од мозаикот „граѓанско општество“.