Политичарите ги слушнаа приоритетните проблеми на граѓаните во општина Штип
Граѓанскиот сектор е коректив на општеството и локалната власт треба да ги консултира невладините при изнаоѓање решенија за важни општествени прашања – ова е заклучокот од денешниот предизборен форум, кој го организираше Здружението на граѓани Медиа плус од Штип.
Штипјани им ги предочија проблемите во општината на градоначалничките кандидати, но и на кандидатите за членови во општинскиот совет. Граѓаните споделија, што според нив, е најприоритетно за решавање од страна на новата локална власт. Тие забележаа на затворените седници на Советот, кои оневозможуваат граѓаните директно да се запознаат со ставовите на советнците. Граѓаните алудираа и на тоа дека треба да се градат нови улици и тротоари, но и да се обноват веќе постоечките, кои како што рекоа, нема да се уништуваат при секој поинтензивен дожд како што тоа беше случај во изминатиот период.
На предизборниот форум, беше истакната потребата од пречистителна станица за отпадни води, како и потребата од брана на реката Отиња, која кандидатите за градоначалник неретко ја вклучуваат како ветување во своите програми при локалните избори. Граѓаните исто така, сметаат дека треба да има децентрализација, односно дека општината треба да има поголеми надлежности за одредени прашања.
Изградбата на нови студентски домови, но и на шелтер центар за бездомните кучиња исто така беа предложени како приоритети кои идниот градоначалник би требало да ги земе предвид.
Претставниците на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ, на Левица, но и на независната советничка листа истакнаа дека ќе се борат за оние мерки и проекти кои ќе бидат од корист на народот. Во период кога тврдат дека работат и ќе работат во интерес на граѓаните, тие имаа можност директно да ги слушнат ставовите на штипјани, па откако ќе поминат сто дена од формирањето на локалната власт, Медиа плус ќе организира и две јавни дискусии за да се види дали и колку истата се залага за решавање на она што граѓаните го посочиле како приоритет.
Во јули годинава, Здружението организираше и медиумски појадок каде ги соопшти резултатите од анализата за граѓански приоритети. Овие настани и активности се дел од најновиот проект на Медиа плус финансиран од фондацијата Отворено општество – Македонија.