Стратегијата за млади меѓуврсничкото насилство го има за стратешки приоритет
Безбедноста на младите и улогата на младите во создавање на безбедни околини е од исклучителна важност, дефинира новата Стратегија за млади. Во документот се забележува загриженоста на младите за бројот на инциденти меѓу младите, а особено што „овие случаи според податоците ретко добиваат институционална разрешница што дополнително ја усложнува состојбата и влијае на довербата на младите врз институциите“.
Од аспект на безбедноста, подеднакво важен е и сајбер просторот и потребата за сензибилизрање на младите за заканите кои постојат во него. Во Стратегијата се објавени резултати од истражувањето, според кои дури 55% од младите се изјаснуваат дека се често соочени со врсничко насилство онлајн, а 26.7% сметаат дека онлајн вознемирувањето од страна на пријатели и познаници е најголемата закана онлајн.
Драгана Митровиќ, младински активист која учествување во подготовката на Стратегијата и во спроведувањето на истражувањето во делот на безбедноста изнесува податок дека 63% од младите никогаш не добиле обука или формално запознавање со проверка на информации онлајн, интернет однесување за заштита од сајбер насилство, заштита на лични податоци и датотеки, и заштита на онлајн содржини.
Како посериозно го сметаат онлајн насилството , иако има податоци за физичкото насилство и безбедноста во физичкиот свет. Ако се земе во предвид податокот дека голем е бојот на млади на интернет речиси 99 отсто го користат интернетот секој ден или речиси секој ден, една третина го користат интернетот за онлајн курсеви што е просекот на ЕУ, а најголем дел го користат за социјалните медиуми, вели Митровиќ.
Низ непосредните контакти со средношколците работејќи како меѓуврснички едукатор, Митровиќ наведува уште податоци, кои ги потврдуваат изнесените тези за зачестените случаи на насилство.
-Податоците покажаа дека најмалку една четвртина биле жртви на насилство, а две третини најмалку од секоја група со која работев, учествувале, односно, биле сведоци на врсничко насилство. Што значи, тоа се реални, директни ситуации со кои се соочуваме, што се навистина загрижувачки. Можеби податоците не покажуваат официјално толкави бројки, не се направени голем број на истражувања да се видат, но сметам дека реално постојат голем број на закани за младите, особено онлајн, изјави Драгана Митровиќ.
Стратегијата за млади како четврта стратешка цел ја има зголемена свест и имплементација на мерки за намалување на врсничко насилство, родово базирано насилство, сајбер безбедност и дигитална хигиена во рамките на образовните институции. Меѓудругото, како императив за Стратегијата, е преземање мерки за внесување на сајбер безбедност и дигитална хигиена во наставна програма за информатика почнувајќи од средното образование, но исто така и зголемување на свеста на родители за сајбер безбедност и дигитална хигиена помеѓу учениците во средното образование.
Дека е тоа особено важно низ факти го потврдува универзитетската професорка Александра Милева. Според неа, луѓето се најслабата алка што го прави разлив системот на сајбер безбедност.
-Прво да има добра практика да се формираат добри лозинки. Луѓето имаат пракса да користат иста лозинка на повеќе системи, исти зборови на лозинки, потоа, да ги запишуваат на ливче или во нотес на мобилен или во датотека на компјутер. Лозинката треба да е доволно долга, со измешани множества на знаци со специјални цифри и да биде доволно долга со 10-12 знаци. Кога купуваме нови уреди, погрешно е да ги подариме едноставно или продадеме стариот без да се избрише меморијата. Мора да се потрудите да ги избришете податоците. На мобилните телефони, не е доволно да се направи фабрички ресет. Има специјални алатки, кои можат да се повратат податоците кои ги сметаме за избришани, затоа се користат апликации за целосно бришење на телефоните, кажа професорката Милева.
Во неопходните мерки како превенција од засиленото сајбер насилство, а јакнење на безбедноста на интернет е и кревање на свест помеѓу младите, родителите и просветните работници, за формите и влијанието на сајбер-врсничкото насилство со цел да се создаде заеднички пристап кон отпорноста на младите од сајбер насилство.
Исто така Стратегијата за млади набележува уште неколку други потреби, како подобрување на капацитети на педагози и психолози како и одделенски раководители за градење на здрава и безбедна училишна средина во насока на превенција и заштита од врсничко насилство и подигнување на чувството на сигурност на учениците, креирање и подобрување на механизми за пријавување, заштита и спречување на сексуално во рамки на образовниот процес, но и воведување на механизми за спречување и санкционирање на врсничко насилство во средни училишта.
Се бара и проценка на ефикасноста на мерките за пријава и санкционирање на сторители на врсничко насилство и работа за корегирање на однесувањето, креирање на систем за евидентирање на случаи со врсничко насилство во училиштата на државно ниво и создавање на на механизми за системска поддршка во рамки на училиштата за жртви од врсничко насилство.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/ авторот ЗГ Медиа Плус и не ги одразуваат оние на Владата на САД