Будност на родителите и поголема соработка меѓу училиштата и институции
Во Апелацискиот суд во Штип, каде е последната врата во немилите случаи каде се инволвирани млади годишно има од 10 до 12 случаи на малолетничко престапништво, случаи каде им се суди на млади и деца. Меѓутоа, ниту еден случај не се однесува на меѓуврсничко насилство. Факт е дека училиштата регистрираат и решаваат случаи на насилство меѓу децата, но ретко ваквите случаи излегуваат од училишните врати. Ставањето под тепих, често доведува до тоа, овие деца кои го предизвикуваат насилството, да практикуваат ваков тип на однесување и во подоцнежниот живот. На крај, со нив да се занимаваат и судовите.
-Верувајте дека тоа врсничко насилство на крајот влегува во ситуација, односно децата влегуваат во ситуација да продолжат, ако не се делува со нив, не се работи со нив, да продолжат со таквото девијантно однесување и во понатамошниот живот. А тоа знаеме дека накрај ќе мора и да се санкционира, изјави Тони Делев, претседател на Апелацискиот суд од Штип.
Судијката во Основниот суд од Штип, Марина Здравкова, која е судија за деца рече дека во нејзината пракса до сега немало случаи на меѓуврсничко насилство, иако е јасно дека се случуваат. Училиштата одбираат овие случаи да ги задржат во свои рамки.
Истражувањата на граѓанските организации покажуваат дека насилството меѓу младите е присутно, а бројките растат. Коалицијата СЕГА во истражувањето што го спроведе минатата година меѓу 800 ученици во 25 училишта, заклучува дека 45 отсто од децата сметаат дека е во ред да удрат друго дете.
– Според нашето истражување, 65 отсто од наставниците сметаат дека доволно прават за да ги мотивираат учениците да пријават булинг. Наспроти тоа, кога ги прашавме родителите, само 25 отсто од родителите сметаат дека учениците или средината во училиштата ги мотивира нивните деца да пријават булинг, изјави Зоран Илиески од Коалицијата СЕГА.
Од страна на Министерството за образование и наука отворен е канал за пријавување. Има специјализирана мејл адреса на која може да се пријави случај. До училиштата е испратен документ – протокол за тоа како да се постапува и кој е редот на постапување од страна на институциите.
-Протоколот е донесен и е доставен до училиштата, а во него има насоки како раководствата на училиштата и наставниците да постапуваат при случаи на меѓуврсничко насилство и булинг. Понатаму, останува на училиштата да го следат, кажа Билјана Казанџиска од МОН.
Меѓутоа, како да се превенираат насилните инциденти меѓу децата, кои се особено се зголемија во сајбер просторот? Експертите велат дека е потребна меѓусебната соработка на институциите, училиштата и родителите да го намалат насилството.
Општо, зголемена активност на целокупното општеството, преку грижата за личноста на младите, каде засилена улогата ќе имаат родителите, но пред се’ образовниот процес.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/ авторот ЗГ Медиа Плус и не ги одразуваат оние на Владата на САД.