Не создаваме ниту мирољубиви ни солидарни генерации
Случајот со детето Коста од Белград, кој пукаше во свои соученици длабоко одекна во целиот регион. Ако ги прашате експертите, овој случај покажа дека потребна е трансформација на целиот наш систем, вклучително и на образованиот, како потребата на новото време. Многу понапредни општества веќе се длабоко навлезени во таа трансформација на образовниот процес, каде многу се работи на создавање на безбедни училишта. Универзитетскиот професор Кирил Барбареев вели дека во моментов ни се случуваат три значајни промени, кои нужно водат кон промена во воспитувањето на децата и функционирањето на едно модерно семејство.
-Дигитализацијата како еден огромен процес, голема технолошка револуција, огромни промени, со динамични промени со огромна брзина, сериозно се одраз врз животот на луѓето, врз процесите во институциите, ако сакате и меѓу државите и еден многу посилен фокус на еден индивиализиран свет, многу посилна индивидуализација. Во рамките на тие 3 процеси, всушност образовниот систем, државите почнуваат да ги бараат моделите на образовни политики како ќе се соочуваат со одредени состојби кои доаѓаат врз основа на тие процеси, вели Барбареев.
Тука, профитот е еден од најважните момент во животот на овие генерации – ако немате пари вие страдате. Тоа е концептот на живот, кој влијае врз менталниот склоп на овие деца, кои сметаат дека некои однесувања, како насилството е нормално. Училиштетото станува слика на таа заедница, каде акцентот е на материјалното.
-Младите од многу мала возраст почнуваат да се соочуваат со финансиите, со профитот, со материјалните ресурси како најважни ресурси, бидејќи во изминатите 30-40 години, тоа се наметнува како многу важно прашање. И сега постои огромен јаз меѓу материјалното и меѓу духовното. Индивидуализацијата е исто така сериозен процес во којшто голем дел од дигитализацијата се одразува на многу позатворен, многу поиндивидиулизиран свет. И оттука се создаваат многу големи проблеми на овие простори, коишто за нас биле многу непознати, како примерот што се случи во Србија, објаснува професор Барбареев.
Со тоа, училиштето станува слика на тоа и такво општество, слика на тоа што се случува во заедницата. Тука, според Барабареев е важно, колку државата ќе препознае дека фокусот треба да се стави на квалитетни образовни политики. Фокусот да се стави на младите, на тинејџерите, да се направи трансформација на општеството преку образованието и младите.
-Веројатно образованието има многу проблеми, коешто не ги решава проблемите во општеството и во светот. Погледнете колку се зајадени државите помеѓу себе. Дека не создаваме мирољубиви генерации, дека солидарноста е намалена, зголемен е алкохолизмот меѓу децата и употребата на психотропни супстанци. Станува збор за огромни последици коишто надвор, од општество, се внесуваат во училиштето и гледате атакот таму (во Србија – случајот со детето Коста), беше внатре во училиштето. Не беше надвор од училиштето, што покажува дека голем дел од младите имаат проблем со менталното здравје и еден од фокусот. Она што всушност треба да претставува образовни политики, денес се става фокус на менталното здравје, на критичкото мислење, на начинот на комуникација, на начинот на решавање на проблеми, бидејќи светот се соочува со огромни предизвици, коишто се одразуваат на новите генерации, е ставот на професорот Кирил Барбареев.
Образовните власти во Европа, САД и други земји го илустрираат зголемениот интерес и изгледите за инвестирање во дизајнирање и имплементација на превентивни програми за управување со насилството во училиштата кои им овозможуваат на учениците сами да ги решаваат конфликтите, да го зајакнат своето учество во групи и донесување одлуки.
Превентивните мерки подразбираат поголема психолошка работа со учениците на училишни психолози, кои ги нема во доволен број. Оценките се дека секоја друга краткорочна интервенција како што е имплементација на програми за една или две години не е доволна.
Овие програми обично се однесуваат на лични иницијативи и се спроведуваат поединечно во некои училишта, бидејќи спроведувањето по одобрувањето на програмата зависи од директорот, а потоа и од наставниот кадар, односно од подготвеност да го активира училишниот систем за примена на одредена програма.
Освен тоа, наставниците и професорите се недоволно вработени и платени од пред дваесет години, што не се поклопува со вредноста на функцијата да се биде наставник, која е повеќенаменска функција. Обуката на наставниците за справување со насилството и малтретирање внатре во училиштето е важна во однос на спречување и справување со феноменот. Значи, ефективната интервенција на наставниците бара специјализација надвор од наставната практика. Тие не се обучени да се справуваат со насилство и заплашување, па дури и со конфликти, и можеби одговорноста не треба да падне на нив да ги решат овие прашања кои бараат време и фокусирано внимание и специфична Методологија.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/ авторот ЗГ Медиа Плус и не ги одразуваат оние на Владата на САД.