Општеството не ни е прилагодено за справување со новите видови насилство меѓу децата

Случајот со 14-годишното девојче, згрижено во Дом за деца без родители, кој беше откриен откако имала спонтан абортус ја откри грдата слика на нефункционирање на системот. Девојчето секој викенд го поминувало кај роднини во Радовиш и расклопувајќи ги една по една коцка беше откриено тешкото насилство што го трпела, присилена од роднините да се проституира. Роднините се во затвор, додека девојчето продолжува да живее со тешките трауми, кои ќе ги носи цел живот.  

Оваа тажна приказна беше споделена на работилниците каде се зборуваше за тоа како да препознаат назнаките на последиците од насилството што го трпат младите, како ефикасно да се справат институциите со тоа, но пред се’ како да се создадат безбедни училишта.

Работилниците што ги организираше ЗГ „Медиа плус“ од Штип на две одделни работилници на едно место ги собра сите чинители во општините Свети Николе и  Штип, кои треба да работат на превенција и справување со насилството во училиштата, но и да создадат ефикасен одговор на различни ситуации, кои ја загрозуваат безбедната средина. Под водство на универзитетските професори Олга Кошевалиска, дека на Правниот факултет од Штип и професорот Методи Хаџи Јанев се разговараше за примената на законот, унапредување на актите кои се донесени од страна на училиштата и другите институции, вмрежувањето и создавањето на ефикасен одговор на растечкото меѓуврсничко насилство, кое полека се сели во интернет просторот.

Од страна на професорите беше нагласено дека сите вработени во училиштето кои имаат информација или самите биле сведоци на случувањето имаат обврска да го запрат насилството. Учениците имаат за задача да ги информираат вработените и не се препорачува тие да го сопрат насилството за да не се стават себе во ризик. Контакт лицата се известуваат за настанот и согласно моменталната проценка, доколку се работи за посериозна форма се повикува обезбедувањето.  По потреба се повикува полиција како одговорна институција за одржување на јавната безбедност, ред и мир.

Присуството на полицијата во училиштата не треба да биде во униформи, туку доаѓаат службеници во цивилна облека.  Директорите на училиштата имаат обврска да го пријават секој облик на насилство, злоупотреба или запоставување сторено врз ученик од страна на друг ученик, родител  односно старател, наставник, стручен соработник или кое било друго лице што е вработено во училиштето, до надлежните институции утврдени со закон. Професорката Кошевалиска, чија специјалност е Детското престапништво, особено повика на внимателен однос кон децата, со тоа што по првата средба и првиот исказ, следните среќавања и искази треба да бидат во присуство на претставници на Центарот за социјални работи, па и на Обвинителството.

Беше укажано и на потребата од особена будност на се’ поинтересните за младите предизвици од интернет, како „дозирање на воздух“ со давење, кога имаше и смртни исходи, игрите МОМО и Слендрина, кои најверојатно се создадени од психопати.

Покрај поголемата будност, потребна е и поголема информираност на возрасните за трендовите на интернет меѓу младите. Ако некогаш проблематичните беа децата на помалку имотните родители, сега трендовите се менуваат и нивното место го заземаат децата на побогатите, кои бараат внимание, покажуваат моќ, додека нивните родители немаат време за нив.

Проблемот е повеќеслоен и неговото решавање не зависи од една институција и еден човек, поради што беше истакнато дека недостасува поголема соработка и заедничко делува на училиштата, Центрите за социјални работи, граѓанските организации, Секторите за превенција во полиција и сите кои со својата работа можат да влијаат.

Претстои уште една работилница на општинско ниво, во Кочани, закажана за 17 април.