Училиштата – безбедна средина без меѓуврсничко насилство

Поголема соработка меѓу училиштата и надлежните институции и будно око на родителите, кои секоја промена кај своето дете ќе може да ја забележат. Ова беа главните акценти од заклучоците од панел дискусијата, која е прва од серијата настани од проектот „Безбедноста е наше мото“ на ЗГ Медиа плус од Штип, а делумно поддржан од Амбасадата на САД.

Панел дискусијата на едно место собра наставници, обвинители, психолози, судии, полициски службеници кои работат на полето на превенцијата, граѓански активисти, кои разговараа за најмладите и нивната безбедност во Апелацискиот суд во Штип, каде е последната врата во немилите случаи каде се инволвирани млади. Во овој суд има од 10 до 12 случаи на малолетничко престапништво, случаи каде им се суди на млади и деца, но ниту еден случај не се однесува на меѓуврсничко насилство.

-Верувајте дека тоа врсничко насилство на крајот влегува во ситуација, односно децата влегуваат во ситуација да продолжат, ако не се делува со нив, не се работи со нив. Продолжувајќи со таквото девијантно однесување и во понатамошниот живот, а тоа знаеме дека накрај ќе мора и да се санционира, изјави Тони Делев, претседател на Апелацискиот суд од Штип.

Судијката Марина Здравкова е судија за деца. Како што рече во нејзината пракса до сега немало случаи на меѓуврсничко насилство, иако е јасно дека се случуваат во учиштата, кои одбираат да ги задржат во свои рамки.

Меѓутоа, активностите од овој проект одат во насока да се превенираат ваквите инциденти, а меѓусебната соработка на институциите и родителите да го намалат насилството, кое го забележуваат граѓанските организации, како штипската ЕХО, која редовно одржува работилници со младите. Универзитетскиот професор Методи Хаџи Јанев, кој ја акцентира благовременоста на овие активности, вели дека клучна е превенцијата, особено таа во сајбер просторот.

 -Апсолутно се согласувам со претседателот на Апелацискиот суд дека судот би требало да биде последната дистанца на којашто ќе се потпреме и превенцијата е таа, на којашто треба да работиме. Добро е што ресорното министерство (МОН) има донесено Протокол, а сега треба да се работи на подигање на свеста, а во надминување на меѓуврсничкото насилство и булингот треба да се вклучи целокупното општество, изјави Хаџи Јанев.

Протоколот е донесен од Владата и е доставен до училиштата,а во него има насоки како раководствата на училиштата и наставниците да постапуваат при случаи на меѓуврсничко насилство и булинг. Понатаму, останува на училиштата да го следат, вели дрижавниот секретар во МОН, Билјана Казанџиска.

-Имаме измени во Законот за основно, средно образование, донесени се Протоколи кои треба училиштата, директорите да ги следат, понатаму имаме организирано заедно со Бирото за развој на образованието и останатите институции, кои се во рамки на министерството за образование низа на обуки, предавања, каде што ќе бидат вклучени и се вклучени наставници, професори, директори, како и родители и ученици. Наша цел е да училишната средина биде безбедна, децата да се чувствуваат среќни во својата средина, како и да се надмине врсничкото насилство и булингот, кажа Казанџиска.

За поширокиот аспект на општеството и грижата за личноста на младите, улогата на родителите, но пред се’ образовниот процес за кој имаше најмногу критики, зборуваше универзитетскиот професор Кире Барбареев.

Безбедноста на училиштата особено по серијата хибридни закани за поставени бомби се наметна како тема во македонското општество. Присутните на панел дискусијата заклучија дека е потребен документ со насоки како да се постапува во одделни случаи на закани или нарушена безбедност. За ова ќе се зборува на следните активности од проектот „Безбедноста е нашето мото“ во училиштата во Штип, Кочани и Свети Николе. Планирани се работилници со учениците, кои ќе бидат обучени за врснички едукатори на тема безбедност и превенција на меѓуврсничко насилство.