Како до побезбедни училишта? – Прашањето што го отвораме со проектот „Безбедноста е нашето мото“
Темата сигурни и безбедни училишта со зголемена свест за меѓуврсничко насилство „Медиа плус“ почнува да ја работи преку серија проектни активности. Овие активности почнуваат со панел дискусија, која едно место ќе ги собере локалните функционери на високо ниво, како што се градоначалниците, претставниците на полицијата, универзитетските професори, релевантните актери на граѓанското општество и медиумите од Штип, Кочани и Свети Николе.
Настанот ќе се фокусира на односот на заедницата, безбедност на во училиштата и помеѓу инволвираните страни, институциите, граѓаните и учениците. Посебно внимание ќе добие меѓуврсничкото насилство внатре и надвор од училиштата, неговото присуство на социјалните медиуми и начините како да се спротивставиме.
Планирани се три средби, по една во секој од градовите, каде ќе се разгледува предлог Протоколот за безбедни училишта, што се наметнува и како обврска на училиштата од Законите за основно и за средно образование.
Значаен дел од активностите се насочени кон едукацијата на учениците. Ќе бидат обучени врснички едукатори, кои потоа ќе работат со своите соученици – млади луѓе кои ќе добијат обука како превенција против меѓуврсничкото насилство и како да го спречат, препознаат и да се борат против него.
Планирана е и јавна кампања, како и анализа за отпорноста на училиштата по случаите со заканите за поставени бомби и случувањата во соседна Србија, кога ученик влезе со оружје во училиште и уби свои соученици и наставници.
Овие активности се дел од проектот „Безбедноста е нашето мото“ на ЗГ „Медиа плус“, што е поддржан од Амбасадата на САД, а ќе се спроведува во период од една година.