Доживотен затвор за загадувачите предвидуваат законските измени, но подготвен ли е системот и активистите?

фото: јаловина, Саса, Македонска Каменица

Казна од најмалку 10 години до доживотен затвор е само една од предлог – измените во Кривичниот законик, а е однесува за делото долготрајно и широкораспространето загадување на животната средина. Внесувањето на тнр. „екоцид“ како ново кривично дело, внесе надеж кај борците за подобра животна средина. Но, колку граѓанските активисти можат и се подготвени да одат до крај во освојувањето на правдата за уништената средина?

Од досегашната пракса, според дел од граѓанските организации кои работат во областа на животната средина, граѓанските активисти делуваат повремено, стихијно, најчесто поради замор се откажуваат во таа борба, додека институциите, како судот нема доволно познавање на еколошкото право. Поради тоа, речиси и да не е можно во блиска иднина да видиме дека некој ќе заврши во затвор поради екоцид.

Македонско здружение на млади правници во периодот од 2019 до 2021 година пред институциите повело три постапки, од кои една е одбиена, за една немаат одговор, додека за една стигнале до Меѓународниот суд за човекови прави во Стразбур. Бојан Трпевски од ова здружение, вели дека е исклучително сложено да се поведе постапка пред институциите преку кои ќе се бара еколошка правда.

-Во 2019 година поднесовме кривична пријава до Обвинителството, со цел да го тестираме системот. До денеска немаме одговор каков е исходот. Ваквите дела се предизвик и за судиите, бидејќи немаат многу искуство, изјави Трпевски.

Затоа, некој граѓански активист или граѓанска инцијатива да се обидат да поведе постапка е речиси невозможно. Трпевски вели дека треба да се знаат законите, прописите, бара читање, одзема многу време, а најмногу трпение.

Иванка С. Зивосовска, инженер за заштита на животната средина и судски вештак оценува дека еколошката правда многу често заглавува во ќорсокакот наречен „непознат сторител“, што ги обесхрабрува граѓанските активисти во натамошната борба.

-Од искуство, казни има навистина, но кога се поднесува обично пријава, а е поврзана за животната средина, најчесто станува збор за непознати сторители. Многу е тешко да се докаже, а има, во судството има вештаци кои работат на таа проблематика и кое се стручни во областа на животната средина. Меѓутоа, додека дојде до вештачење, многу време поминува, а животната средина сака теренска работа. Сака во моментот да се види што се случува, поголема соработка, обвинителство – вештаци и побрзо да оди целиот процес. Се чини дека многу време поминува додека самиот предмет да дојде до вештаци. Тоа ги обесхрабрува граѓанските активисти, смета Зивосовска.

Помош и единство како услов за успех

Македонско здружение на млади правници на правна помош за граѓанските иницијативи, граѓанската борба за подобра животна средина да стигне до институциите. На активистите од Кочани им помага во институционалните барања, кои се однесуваа на изградбата на мини – хидроцентралата на Мала река, за што е поднесено барање до Министерството за животна средина за раскинување на концесијата и информации за текот на постапката. На жителите во Турско Рудари кај Пробиштип, помошта е во комуникацијата и правните постапки со цел добивање дозвола за водно право, што сега го има мини-хидроцентралата. Жителите сметаат дека се оштетени со тоа што со градбата на хидроцентралата останале без вода за наводнување на имотите.

Маја Марковска од „Архус центарот“ вели дека главен проблем во таа граѓанска борба се недореченостите на некои постапки, па се толкуваат кој како ќе му одговара. Друг проблем е раситнетоста и немањето на континуитетот во граѓанските движења.

-Граѓанското движење е иситнето. Имаме голем одлив на луѓе од секторот и тоа во тие институции. Нема континуитет во движењата, кои често се ад хок собирања за нешто. Не се познава еколошкото право, недостасуваат правници, кои ќе ја третираат таа проблематика. Капацитетите на секторот се на многу ниско ниво, смета Марковска.

Посебна приказна според Марковска, се институциите, почнувајќи од времетраењето на постапките, кои се неиздржливо долги, по што се губи трпението од активисти, кои работат на проектна основа на договори на дело и зависат од донатори.

-Дискутабилен е и квалитетот на постапките што се водат, децидна е Марковска.

„Архус центарот“ е исто така, уште една организација каде граѓанските активисти можат да се обратат за помош.

-Можат да побараат бесплатна правна помош од аспект на процедурите, легислатива, активности, чекори кои треба да се преземат, ама „Архус центарот“ не може да ја води целата постапка и борбата наместо нив. Тука е за поддршка за совет, помош за изработка на документи, жалби, но не и ја води целата постапка.  Од друга страна,  не сум чула дали некој да се обратил до Јавниот правобранител во врска со прашања од животната средина, а би било фино да видиме како ќе реагира истиот. Можат да се обратат и треба да го користат механизмот за обраќање до пратениците, кои доаѓаат од нивниот регион, изјави Марковска.

Меѓутоа, наспроти овие препораки, Горан Лефков, граѓански активист од Кочани, има малку верба во политичките фигури. Тоа го објаснува низ примерот на нивната борба за почист воздух и загадување, за што вината ја префрлаат на фабриката за рециклирање на хартија, „Пејпар мил“. Според Лефков, проблемот е во корумпираните политичари, корупцијата која настапува во првиот ден на изборите.

– Денот на корупцијата кај нас започнува на денот на изборите. Што треба да направи граѓанинот? Треба да ги избира политичарите кои не се корумпирани, политичарите кои ќе се борат за неговиот град, за неговото место.  Кога ќе избереме корумпирани политичари се’ веќе е многу потешко – стопати, илјада пати е потешко да се направи нешто… Не гледаме поместување во делот на проблемите. „Пејпар мил“ беше дојден во време кога градоначалникот беше од ВМРО ДПМНЕ, Ратко Димитровски, сегашниот градоначалник на Кочани е исто од ВМРО ДПМНЕ, тогаш беше директор на Комуналното претпријатие „Водовод“. Сегашниот претседател на СДСМ во Кочани, Гоце Серафимов од општински инспектор замина директор на „Пејапр мил“. Значи, двете партии се тука, двете партии се заедно кога се работи за „Пејпар мил“ кога е труењето на граѓаните, тие се заедно. Кога треба да се решат проблемите, ние не видовме ниту една партија да излезе пред граѓаните и да рече – ние ќе го решиме проблемот, изјави Лефков.

Дали решението е во поголемо учество на граѓаните во донесување на одлуките?

Со цел постигнување на повисок степен на еколошка правда уште во раните фази на планирање на одредена инвестиција, која ја засега животната средина, како што е изградбата на мини хидроцентрали, Македонско здружение на млади правници во јуни изготви предлог за измена на Законот за животна средина, со која се бара јавноста да биде вклучена уште при изработката на елаборат за влијание врз животната средина.

Бојан Трпевски вели дека сегашното законско решение, кое ги засега МХЦ, дозволува вклучување на јавноста дури на второ ниво, односно при донесување на еколошката дозвола или друг вид на дозволи.

-За разлика од другите инсталации, за МХЦ наместо оцена на влијанието врз животната средина, во кое е обезбедено учество на јавноста и преку јавна расправа и преку доставување на мислења, забелешки по самата студија и понатаму можност за поднесување на жалба до второстепената комисија, за малите хидроцентрали се изработува само елаборат за оценка на влијанието, во кое законодавецот воопшто не предвидел учество на јавноста. Па така јавноста воопшто нема информација дали е во постапка некој елаборат, ниту може да дава ставови и мислења, ниту да поведе постапка. Ние во јуни доставивме иницијатива за измена на Законот за животна средина, со која се бара јавноста да биде вклучена уште при изработката на елаборат за влијание врз животната средина, јавно ќе се објавуваат информации за овие елаборати и ќе им се даде можност на граѓаните, активистите активно да учествуваат во постапката, изјави Трпевски.

фото: МХЦ Равна река, Пехчево

Долготрајна борба, во која најупорните остануваат. Така некако се квалификуваат граѓанските еколошки движења, кои повремено извојуваат по некоја битка. Значајна битка, која дава стимул на останатите стотици активисти низ државата, кои засега во своите папки собираат документи, но еколошката правда им се чини далека.

Според предложените измени на Кривичниот законик, се заоструваат казните за еколошки криминал. Долготрајното и широкораспространето загадување на животната средина станува ново кривично дело „екоцид“, со казни со доживотен или најмалку десет години затвор. Со другите измени се врши допрецизирање на постоечките членови на законот, се воведуваат нови со затворски казни, што е усогласување со европското законодавство.

 

В.К.

Сторијата е дел од проектот ,,Иновативни решенија за зелен Исток“ што го спроведува „Медиа Плус“, финансиран од Фондацијата Отворено Општество-Македонија.
Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено Општество-Македонија.