„Јавна соба“ и сличните случаи пред штипските средношколци со темата сајбер безбедност

Во три средни училишта, во вкупно девет класа, учениците од прва до четврта година учеа и дебатираа на тема сајбер безбедност. Во рамките на проектот „Кликни мудро“ на ЗГ Медиа плус со Штип, професорот Методи Хаџи Јанев одржа едукативни работилници, каде интерактивно се обработуваше проблематиката на безбедното присуство на интернет, заканите за безбедноста, однесувањето во виртуелниот свет, како и начините на превенција и одбрана од евентуалните закани. Опфатени се ученици од СОУ „Славчо Стојменски“, СОУ „Јане Сандански“ и СОУ „Коле Нехтенин“.


Оваа проблематика е особено актуелна за младите генерации, сега средношколци на возраст од 15- 18 години, кои како што велат растат и се развиваат во тој сајбер простор. Темите како сајбер силеџиство, предатори, модерни начини на измама и изложеноста на корисниците, беа од особен интерес за средношколците, кои со едукативните работилници добија можност да ги видат сите аспекти на присуството на интернет, вклучително и добрите и лошите страни. Беа разгледани и аспектите на последните случаи во јавност, како „Јавна соба“ и сајбер булингот и самоубиството на младата јутјуберка од Србија.
Овие едукативни работилници се првиот дел од серијата, која ќе ја надополнат следните на тема заштита на лични податоци и дезинформации.


Пред младите беше претставен предизвикот за креативни изразување на овие три теми. Учениците до 30 април може да испраќаат видео и аудио материјали, стрип, постер, песни, како и секаков друг вид на креативни дела, кои ќе се однесуваат на темите што ги обработуваат работилниците.
Во текот на мај, на свеченост, ќе бидат прогласени најдобрите дела.


Од страна на професорите и раководствата на училиштата беше искажан став дека оваа материја треба редовно да се најде во текот на образованието на децата, со чија едукација треба да се почне уште во текот на основното образование.
Проектот „Кликни мудро“ што го спроведува ЗГ „Медиа плус“ е поддржан од Амбасадата на САД.