Мобилниот и „наочарата“ на градоначалникот на Лозово и другата страна на приказната

Рецензираме текст со наслов Мобилен и наочара – Градоначалникот на Лозово со два кључни проекти!, во кој новинарот пренесувајќи пост споделуван по социјалните мрежи, креирал клик-бејт наслов се со цел да го привлече вниманието на јавноста, да дезинформира и дискредитира.

Авторот споделувајќи го постот од социјалните мрежи, го прекршил првото новинарско правило – да се праша и другата страна, во случајов, градоначалникот на Лозово, со цел да ја потврди или демантира информацијата.

Деновиве на повеќе социјални мрежи беше споделена една иста содржина со фотографија на Бошко Цветковски, градоначалник на Лозово, која е искористена за да се коментираат неговите 100 дена мандат како градоначалник.

Во постовите всушност се поентира со нешто што секој може да го забележи, неговиот мобилен телефон и очилата за сонце, при што се потенцира дека се нови, без да се даде одговор на прашањето: Дали истите се обезбедени со пари од општинскиот буџет, на што се алудира во самиот наслов, дека во тие 100 дена реализирани биле само тие „два проекти“.

Во постот се дава цената на очилата и на мобилниот телефон.

„Градоначалникот на Лозово за првите 100 денови од неговиот мандат успеал да реализира два кључни проекти: Си купил мобилен од 1729 евра и нова наочара од 5829 евра! #ФалаВмро, пишува во објавениот текст, комбиниран со колаж од фотографии, на кои градоначалникот е сликан со својот нов мобилен телефон и неговите нови брендирани очила.

Побаравме одговор од градоначалникот Цветков за наводите од објавеното.

„Верувам дека сите ние пред да напишеме нешто јавно, сме свесни за последиците“, ни одговори градоначалникот на Општина Лозово. Својот одговор го даде јавно презентирајќи ги сметките за купеното, со кои, вели ја презентира и вистинската цена и начинот на  која што се купени и очилата и телефонот:

„Очилата за сонце не се 5829 евра туку 13 500 денари и се купени на попуст од 50%(фискална сметка во прилог). Телефонскиот уред не изнесува 1729€, за истиот вршам исплата на месечни рати од сопствени средства ,пишува во образложението градоначалникот на Општина Лозово, Бошко Цветковски.

Тој додава дека „Согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, должни се сите кои произнеле невистини, навреди и клевети, во рок од три дена се извинат на истиот начин – во спротивно за секоја поединечна навреда ќе биде поднесена Тужба за надомест на нематријална штета поради изречени навредливи и клеветнички зборови.

Според Кодексот на новинарите во онлајн сферата „ Онлајн медиумите нема да објавуваат неточни, пристрасни или манипулативно обликувани текстови, фотографии или други содржини со кои читателите намерно се доведувaат во заблуда. Фотомонтажите, обработените фотографии или други интервенции во автентични документи мора да се јасно разграничени од оригиналот и означени како такви со соодветен текст.“

Како и да заврши оваа приказна на обвинувања и образложенија, клик бејтот си ја заврши работата, креирајќи заблуда во јавноста, дека градоначалникот на Општина Лозово она што успел да направи во 100 дена од мандатот е обезбедениот нов телефон и брендирани очила.

 

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.