Кастриот Реџепи призна дека престојувал во вилата на Заев, но само во шпекулативните наслови
Рецензираме текст, со наслов„Реџепи призна дека спиел кај Заев во премиерската вила“, во кој новинарот констатира состојба, која воопшто не ја поткрепува во самиот текст. Дури самиот автор, пренесува изјава на пратеникот Реџепи дадена за друг портал за да ја „потврди“ оваа своја констатација меѓутоа во пренесената изјава, тој не кажува , ниту потенцира дека бил на посочената локација во посоченото време.
Новинарот го актуелизира прашањето по поминати два месеци од случувањата во Собранието, кога настана вистинска мистерија околу прашањето -Каде исчезна пратеникот Кастриот Реџепи, кој го чинеше мнозинството за гласање на недоверба на Владата на Зоран Заев. Се вртеа најразлични шпекулации, а една од нив и дека Реџепи, престојувал во премиерската вила во време кога како премиер, ја користеше Заев.
Се’ остана на шпекулации, за да по два месеци, авторот на текстот, користејќи изјава дадена за друг медиум, врз основа на претпоставка од дадената изјава, во насловот лесно доаѓа до заклучок, небазиран на факти, дека Реџепи навистина со своето семејство престојувал во премиерската вила. При тоа, почнувајќи го и текстот со:
„Пратеникот Реџепи ги разреши шпекулациите каде се криел во деновите кога требаше да се гласа за недоверба на владата и кога од неговиот глас зависеше дали ќе падне владата на Заев.
Реџепи, тогаш пратеник на Беса, а сега кој знае на која партија или пак може самостоен пратеник, рече се криел кај негов пријател заедно со семејството бидејќи им била загрозена безбедноста.’пишува во текстот.
Очигледна е намерата на новинарот, со клик-бејт да го привлече вниманието и да ја дезинформира јавноста, во случајов користејќи информации кои очигледно не го потврдуваат тоа што го тврди во насловот.
Според Кодексот на новинарите во онлајн сферата „Онлајн медиумите нема да објавуваат неточни, пристрасни или манипулативно обликувани текстови, фотографии или други содржини со кои читателите намерно се доведувaат во заблуда. Фотомонтажите, обработените фотографии или други интервенции во автентични документи мора да се јасно разграничени од оригиналот и означени како такви со соодветен текст. 1.4.Онлајн медиумите нема да објавуваат неосновани обвинувања, клевети, гласини, измислени интервјуа, анонимни дописи и други информации чија кредибилност не може да се процени.
Во изјавата која што ја пренесува новинарот, а Реџепи ја има дадено за друг медиум, на прашањето, дали на денот на гласањето на недоверба на Владата престојувал во премиерската вила, тој ниту потврдува, ниту демантира, но тоа не е доволно да се констатира дека тој престојувал во премиерската вила.
„Се што имав да кажам го кажав на мојата прес конференција и јавни настапи. Мое приватно право е каде престојувам во одреден ден според мојата проценка за мојата безбедност и на моето семејство. Најбитно е дека јас како пратеник со мандат го искористив моето уставно право да одлучам според моето убедување и со тој потег се обезбеди стабилно зголемено мнозинство и непречен дијалог со Република Бугарија, изјавил Реџепи.
Целта на лажните вести па и насловот кој што го рецензираме е да заведе, да манипулира, да влијае на човечките емоции и расудувања, посебно во услови кога се прави навраќање на состојби кои се поминати, но шпекулациите за прашањата кои што ги интересираше целата јавност останаа неодговорени.
Клик-бејтот ги мами читателите и без да го прочитаат текстот.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.