Од „Се судрија возилата на двајца министри“ до „Штом министри од ДУИ се судриле, тогаш немало ниту сообраќајка“ – сите дезинформации за сообраќајката кај Влада


Во неколкуте дезинформации во македонските медиуми, кои се појавија по сообраќајната незгода на раскрсницата кај Владата во која учествуваа три возила, имаше и такви според кои се судриле двете службени возила на министрите Бесими и Бектеши. Вицепремиерот Маричиќ, пак,  мораше во живо на семејството и јавноста на телевизија да им порача дека е жив и здрав.

„ВО СООБРАЌАЈКА КАЈ ВЛАДАТА СЕ СУДРИЛЕ ВОЗИЛАТА НА БЕСИМИ И БЕКТЕШИ“ е еден од насловите, кои се’ уште може да се најде на македонските портали, пренесувајќи информација за сообраќајката пред Владата (07.02.2022).Текстот понатаму го демантира насловот објавувајќи Фејсбук статус на еден од министрите, чие возило учествувало во сообраќајката, на министерот за финансии, Фатмир Бесими.

„Доцна попладнево, службеното возило со кое се превезував заедно со министерот за економија Крешник Бектеши на работен состанок во Владата беше учесник во сообраќајна незгода која се случи на крстосницата пред Владата. Освен материјална штета на возилата, за среќа нема потешко повредени лица. Учесниците се здобија само со полесни повреди. На повредените им посакувам брзо оздравување“, напиша Бесими на Фејсбук, пренесува порталот.

Во брзината да информираат од сообраќајката два други портали напишаа дека вицепремиерот Бојан Маричиќ бил во едно од возилата што се судрија. Овие вести почнаа да се објавуваат во време додека вицепремиерот беше во емисија во живо на национална телевизија.

-Не е точно, не сум имал сообраќајна несреќа. Демантирам и за јавноста и за моето семејство да знае, рече Маричиќ во гостувањето на емисијата.

Со демант излезе и Прес службата на Владата.

Подоцна овие вести беа избришани.

Јавувајќи за сообраќајката, портал во една реченица пишува дека во неа учествувале и министрите од ДУИ, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши, не давајќи други детали, но оваа реченица е искористена да пренесе статус на лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

„Штом министри од ДУИ се судриле, тогаш немало ниту сообраќајка, посочи Апасиев“, е насловот на текстот во кој е пренесен коментар на пратеникот:

„Двајца министри од ДУИ учествувале во сообраќајна незгода пред Влада. Значи, да повториме: сообраќајна незгода пред Влада не се десила! #ПравенПаралелизам“, го пренесува порталот статусот на Апасиев.

Всушност, МВР не само што беше на терен, туку и за јавноста објави соопштение, во кое го потврдува настанот.

-Вечерва околу 19.15 час на крстосница од бул.Св.Климент Охридски и бул.Илинден се случила сообраќајна незгода помеѓу ПМВ Шкода, управувана од Ј.Б. (38) од Скопје, ПМВ Киа, управувано од А.Т. (36) од Скопје и ПМВ Фиат, управувано од Д.П. (45) од Скопје, сите со скопски регистарски ознаки. Во незгодата со повреди се здобиле возачот Ј.Б. и сопатникот од истото возило Б.Љ. кои се пренесени во Комплекс клиники “Мајка Тереза”, информираа од МВР.

Не ретко е присутен сензационализмот и прекршувањето на новинарските стандарди, па дури и спинување при сообраќајќи. Од ова не се лишени и настаните,  во кои има и човечки жртви. Некогаш тоа е од брзина да се јави за настанот, без целосно да се истражи и потврди, но и има и случаи во кои намерно се заобиколуваат фактите.

Во Кодексот на новинари е нагласена улогата на новинарите и медиумите во вакви ситуации.

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми“, пишува во членот 8 од Кодексот.

Малку пошироко за ова пишува во Насоките за етичко известување во онлајн медиумите.

При известувањето за несреќи, природни катастрофи, епидемии, насилен екстремизам и тероризам, онлајн медиумите ќе бидат исклучително внимателни и ќе избегнуваат објавување сензационалистички наслови и непроверени информации, водејќи сметка да не создаваат дополнително вознемирување и паника во јавноста“.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.