Само во новинарски текст може да се бара ослободување од затвор по „Рамковен“
„И ослободувањето од затвор да биде по ,,РАМКОВЕН“ е насловот на текстот кој што го рецензираме. Авторот на текстот соопштението од една политичка партија го користи за обработка на темата во која е искористен моментот кога личности во центарот на вниманието на јавноста по разни основи на Новогодишните празници се најдоа надвор од затворските установи. Како што се наведува во пренесеното соопштение , што всушност и сака да го потенцира и партијата и авторот е дека меѓу „ослободените“ немало ниту еден албанец.
„ Додека Сашо Мијалков, Катица Јанева, Орце Камчев и многу други криминалци слават со своите семејства , многу Албанци се држат невини по затворите“, реагираат од Алијсаа за Албанците, пренесува авторот дел соопштението на Алиjaнса.
Иако ниту во соопштението, ниту во текстот никаде не се споменува дека од партијата бараат овие затворски ослободувања да бидат по „Рамковен“, новинарот тоа го посочува во насловот, предизвикувајќи збунетост и дезинформации во јавноста, дека независно од законите коишто постојат во државата, „ослободувањата од затвор“ во иднина може да се одвиваат според Рамковен.
„На Алијанса им смета што до сега „ослободените“ од затворот се Македонци. Велат, нема ниту еден Албанец ослободен.“ пишува на почетокот на текстот.
Сепак авторот не посочува ниту еден доказ дека тоа е така, бидејќи затворската популација не ја сочинуваат само „звучни имиња“ како што се посочените.
Во Законот за извршување на санкции, јасно е посочено кои се правните основи за отпуштање на осудените лица- Издржана казна, Простување на казната, Условен отпуст, Отпуштање по одлука на директорот на установата, Известување за смрт на осуденото лице.
Ниту едно од посочените лица во текстот, не ги исполнува посочените услови за отпуштање од затвор. Тие не се ослободени од издржување на затворската казна, што не е јасно посочено ниту во соопштението, ниту во текстот на авторот. Етничката припадност на затворениците, не е посочен како услов за отпуштање од затвор ниту пак за остварување на некои од правата на затворениците.
Според Кодексот на новинари во онлајн сферата „Онлајн медиумите нема да објавуваат неточни, пристрасни или манипулативно обликувани текстови, фотографии или други содржини со кои читателите намерно се доведувaат во заблуда,“ Како и дека
„ При користењето информации добиени од социјалните мрежи, од веб-страници, блогови или други извори на интернет, онлајн медиумите внимателно ќе ја проверат нивната веродостојност и кредибилност, “
Иако сите посочени личности во споменатиот момент се „ ослободени“ од затвор по разни основи, (обезбедена кауција, здравствени проблеми, како и остварено право за користење на викенд) не значи дека тие се ослободени од издржување на казната, како што се алудира во самиот текст, кој продолжува во сосема поинаков контекст, со посочување на неколку „албански“случаеви , за кои што и покрај тоа што има пресуди, некои од албанските политички партии не ги прифаќаат како конечни и реални.
Во секој случај очигледна е манипулативната цел на текстот, да се убеди јавноста да поверува во одредена вест или информација, која директно или постапно може да наведе кон одредено однесување или постапување.