„Омикрон“ влезе во Македонија, но засега само во насловот на новинарски текст
Рецензираме текст со наслов „БОМБА! ОМИКРОН ВЛЕЗЕ ВО МАКЕДОНИЈА?“ објавен на портал, во кој што се пренесува дел од интервјуто на микробиологот д-р Никола Пановски при гостувањето на една наша национална телевизија.
Насловот на текстот навистина ќе биде бомба, но само доколку она што се кажува во продолжение е точно. Во Македонија до сега не откриен ниту еден случај на Омикрон, на што барем до сега секојдневно посочуваат и од Министерството за здравство.
Со оглед на сериозноста на ситуацијата, на паниката и мерките што се преземаат во западноевропските земји, каде овој сој на Ковид 19 се шири со голема брзина, очигледна е целта на објавувањето на еден ваков текст со ваков наслов-Собирање на кликови, но пострашното е предизвикување на страв и паника во јавноста.
Во текстот новинарот, со ништо не го поткрепува тоа што е напишано во насловот.
Всушност во текстот се пренесува дел од интервјуто на д-р Никола Пановски при неговото гостувања на една наша Национална телевизија. И во интервјуто и во текстот, д-р Пановски не споменува дека „омикронот влезе во Македонија“
„Микробиологот д-р Никола Пановски во Темата на денот на Сител рече дека смета дека омикрон сојот најверојатно е веќе влезен во земјава“, пишува во текстот.
Но тоа што Пановски смета дека омикрон најверојатно е веќе влезен, не значи дека и е влезен овој сој во нашата земја.
Очигледно е дека текстот кој е предмет на оваа рецензија, добил наслов кој посочува дека во еден дел од текстот се зборува за новиот сој на короновирусот но тоа што се посочува во насловот не се потврдува и во содржината на текстот.
Освен првата реченица понатаму во текстот, не се споменува новиот сој, туку е пренесен оној дел од гостувањето на Пановски во кој што тој зборува за мерките што се преземаат во државата со посочување на она што би требало да се преземе за поголем заштита од ковид 19, за секојдневните бројки на заболени, за децата и нивната заштита.
Според Кодексот на новинарите во онлајн сферата,„ Онлајн медиумите ќе го почитуваат правото на граѓаните да добиваат навремени, проверени, точни и објективни информации за темите кои се од јавно значење и никако нема да дозволат искривување на вестите и манипулирање со информациите и податоците.
Целта на лажните вести па и насловот кој што го рецензираме е да заведе, да манипулира, да влијае на човечките емоции, посебно во услови кога секојдневно сме бомбардирани со информации за секавичното ширење на новиот сој и неговото регистрирање во некои земји од соседството.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.