Што точно кажа бугарскиот премиер Петков за „Политико“?
Интервјуто на новиот бугарски премиер Кирил Петков за „Политико“ македонски портал го пренесува со коментари, прогнози и претпоставки за можен развој на односите со Македонија и во насловот констатира: Ништо и од Петков – дај друго дете: Ако потпишеме договор со Македонија владата брзо ќе пaднe.
„Изгледа дека новиот бугарски премиер Кирил Петков чекор по чекор ги намалува оптимистичките очекувања дека е можно брзо кревање на блокадата во ЕУ за преговорите со Македонија“, прогнозира авторот на текстот.
Ставовите на бугарскиот премиер Петков во интервјуто за „Политико“ не се нови и непознати за македонската јавност. Веднаш по преземањето на премиерската функција, Петков го изнесе својот предлог на заживување на односите меѓу двете земји, со образложение дека тоа не се отстапки, туку „процес на надградба“.
Во интервјуто за „Политико“, тој уште еднаш повторува дека треба да се формираат „работни групи многу напорно ќе работат шест месеци“, но при тоа, не дава рокови за завршување на работата на споменатите работни групи.
Она што порталот пропушта да сподели од текстот на„Политико“ е контекстот на изјавата на Петков за работните групи.
„Иако новата бугарска влада не планира да се откаже од барањата поврзани со историските спорови со Северна Македонија, Петков рече дека неговата цел е да го прошири дијалогот и да ја искористи економската соработка за подобрување на односите“, пишува „Политико“.
Македонскиот портал пренесувајќи делови од интервјуто на Петков пишува дека наместо кревање на бугарската блокада, „новите власти во Софија го нудат она што на сите им е јасно – поголема соработка“.
Петков во интервјуто зборувајќи за својот пристап кон односите со Македонија, патот е подобрување на односите, очекуваните резултати од работните групи, бидејќи како што објаснува, „ ниту една влада, во моментов, не може едноставно да отиде кај своите граѓани и да каже: ‘Во ред, заборавете на сите проблеми, ајде само да го потпишеме договорот’, бидејќи таа влада брзо ќе падне“.
Порталот на крај коментира дека „Петков сака извршните директори на бугарски и македонски компании да се сретнат и да создадат врски, но при тоа не наведува дека тие врски би биле добар чекор за кревање на блокадата“.
Контекстот на оваа изјава на Петков е како што тој вели „соработката како основа за идните односи“.
„Целта е да им се покаже на луѓето зошто соработката е корисна, рече Петков, на пример, со доведување на извршни директори на бугарски и македонски компании да се сретнат и да создадат врски“, пишува „Политико“.
Со споделувањето на делови од интервјуто, македонскиот портал во делови дава поинаков контекст на ставовите на новиот бугарски премиер, во специфично време, кога македонско – бугарските односи се на најниско ново и се прават обиди за заживување на дијалогот по уште една бугарска блокада на македонските евроинтеграции.
Во Насоките за етичко известување на онлајн медиумите пишува:
„Онлајн медиумите ќе го почитуваат правото на граѓаните да добиваат навремени, проверени, точни и објективни информации за темите кои се од јавно значење и никако нема да дозволат искривување на вестите и манипулирање со информациите и податоците“.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.