Кога образложението ќе изостане, долговите стануваа навистина големи
Рецензираме текст под наслов „Општина Крушево со финансиска „дупка“ од над 150.000 евра, а Комуналното претпријатие “Комуна“ дури со трипати повеќе“објавен на веб страната на национална телевизија.
Со насловот и текстот очигледна е намерата да се увери јавноста во огромниот долг што го има општината и ЈП Комуна, со напомена дека се доведува во прашање водоснабдувањето на градот како и зимската сезона,а и дека постои опасност градот да биде претрупан со смет. Во текстот е пренесена изјавата на опозицијата во којашто се посочуваат и бројки и обвинувања за неспособноста на старо-новата власт во Крушево.
„Буџетот на општина Крушево е во многу лоша кондиција…општината има долг од околу 152.000 евра…Во наредниве три месеци сигурно уште ќе биде зголемен…Комуналното претпријатие борчи, исто до 30.09. податоците што се дадени, 460.000 евра. Најголемиот дел од тие долгови се кон ЕВН и АД „ЕЛЕМ“. Доколку се случи да си го наплатат долгот што го имаат ЕВН и ЕЛЕМ, тоа значи дека Крушево ќе остане без вода…Ако ја исклучат струјата Крушево ќе биде без вода, зимската сезона ќе биде крајно непродуктивна, ќе се затрупаме во смет“, вели Билјана Проеска, претседателка на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Крушево.
Во текстот се пренесува изјавата на директорката на комуналното претпријатие „ Таа признава дека долгот бил тој, но вели дека тој се провлекувал со години, а тие како претпријатие, со спогодбени договори кон доверителите, тековно си ги сервисирале обврските.
Меѓутоа, никаде понатаму во текстот го нема објаснувањето зошто Општината должи. Се стекнува впечаток дека постои тенденција на авторот на текстот да се изостави причината и објаснувањето за состојбата.
Не е пренесен делот од изјавата дека има договор со ЕВН и дека нема опасност од исклучување на струјата а со тоа и градот да остане без вода, реагираат од комуналното претпријатие.
„ Комуна“ има спогодба со ЕВН која многу јасно кажува дека НЕ може да дојде до „наплаќање“, како што пишуваат од партијата, и до „исклучување“ на струјата со што град Крушево би останал без вода.,“ се вели во образложението на Ј.П
Очигледен е фактот дека со полувистини и недообјаснување, се прави обид да се создаде поинаква слика за состојбите во општината коишто како што велат и од власта и од опозицијата се провлекуваат со години, а во моментов се користат за манипулирање на јавноста, дека општината сред туристичка сезона може да остане без вода.
„Долгот кој што претпријатието го има се провлекува многу одамна. Се провлекува во времето на сите партии, но опозицијата тоа одбива да го каже. Реалноста е дека долгот на „Комуна“ се генерира најмногу заради трошоци за струја за пумпање на вода од пумпната станица во с. Норово. „Комуна“ има спогодба со ЕВН во која се вели дека се додека двете страни се придржуваат до усогласеното и Комуна ги исплаќа ратите дека нема опасност од рестрикции. Дополнително, општината има обезбедено девет милиони денари за зафаќање на нови извори на вода кои ќе го надминат овој проблем,“појаснуваат од ЈП
Градоначалникот на Крушево, Томе Христоски даде објаснување за изнесените наводи за долгот. Тој вели дека моменталните бројките се тие, но недостасува образложение, кое доколку е дадено во текстот, ќе даде едно поинакво светло на целата ситуација.
„Најпрво, над 5 милиони денари од тие девет милиони долг кои се наведуваат во прилогот се средства кои не се на општина Крушево. Тоа се средства кои чекаме да легнат на сметката на општината од централната власт, за ние подоцно да ги исплатиме изведувачите. Така што, уште во овој момент наводниот долг е повеќе од преполовен.
Второ, нема фактура што општина Крушево не ја плаќа. Но, во третиот квартал влегуваат сите обврски на општината извршени од правни лица до тој период. Оттука, голем дел од фактурите доцнат и тие се исплатени после 30-ти септември, но истите мора да фигурираат во третиот квартал како неплатени,“појаснува Христоски.
Според Кодексот на новинарите во онлајн сферата „Онлајн медиумите ќе го почитуваат правото на граѓаните да добиваат навремени, проверени, точни и објективни информации за темите кои се од јавно значење и никако нема да дозволат искривување на вестите и манипулирање со информациите и податоците.
Објавениот текст, цел на нашата рецензија е типичен пример на манипулирање со луѓето преку давање и споделување неточни информации. Мисинформациите главно се однесуваат на погрешни информации чија цел е да доведат некого во заблуда, но тие се создадени или раширени без манипулативни или малициозни намери.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.