Ковачевски го планира Максим Димитриевски за заменик претседател на СДСМ, но само во манипулативните наслови на порталите

Рецензираме текст со наслов „Ковачевски го планира Максо за заменик претседател на СДСМ?“ , во кој читателот очекува да види што всушност кажал Ковачевски во врска со неговото заменичко место доколку виде избран за лидер на внатрепартиските избори. Факт е дека Ковачевски во интервјуто што го обработува текстот, никаде не го споменува името на Димитиревски.

Новинарот на оваа вест го разработува дел од интервјуто на Димитар Ковачевски за Сител, во кое тој говореше за своите планови доколку биде избран за нов претседател на СДСМ.

Во текстот што го анализираме, се наведува дека Ковачевски истакнал оти има високо мислење за сите луѓе во партијата, а би повикал и стручни лица од надвор, кои би работеле за доброто на државата.

Понатаму доаѓа до спорниот дел, односно новинарското прашање кое му беше поставено на Ковачевски, но во чиј одговор тој воопшто не споменува имиња, дури и јасно го кажува тоа.

„ Дали би ги вратил некои членови чие членство е „замрзнато“, алудирајќи на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, Ковачевски само кратко рече:„Ќе се седне со луѓето со различни мислења, да се извади најдоброто од нив. Ако бидам избран, јас ќе бидам отворен за разговор“, истакна тој.“ – пишува порталот.

Иако одговорот на Ковачевски кој новинарот го нуди овде е вистинскиот, тој е во скратена форма. На ваквото новинарско прашање во кое јасно беше споменат Максим Димитриевски, Ковачевски не даде одговор во кој точно го споменува кумановскиот Градоначалник.

-СДСМ има над 80 илјади членови и сите ние делиме социјалдемократски вредности, ја сакаме партијата и работиме на нејзино унапредување и на нејзин развој во текот на годините. СДСМ има демократски капацитет кај себе во одредени моменти да има и спротиставени мислења меѓу членовите, на различни нивоа. Јас секогаш сум бил приврзаник дека тие спротиставени мислења треба да се седне заедно и да се разговара, да се види на кој начин можат да бидат усогласени и од такви различни мислења да се извади нов квалитет кој ќе придонесе за унапредување на партијата но и на институциите во кои СДСМ има поставено свои кадри. Тоа значи дека доколку бидам избран за претседател на партијата јас ќе бидам секогаш отворен за разговор со сите оние кои сметаат дека имаат што да придонесат и да дадат различно мислење и тоа без да апострофирам било кое име и презиме во вкупното членство на СДСМ, рече Ковачевски.

Од ваквиот одговор на Ковачевски се гледа дека тој никаде не ја начнува темата за негов заменик, а најмалку пак го споменува кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, со што се побива самиот наслов на текстот наведен во овој портал.

Насловот всушност го заведува читателот да ја отвори веста и да прочита повеќе, манипулативен е, а без притоа внатре да му ја понуди саканата информација. Дополнително скратен е делот од одговорот во кој Ковачевски јасно нагласува дека ќе биде отворен за разговор со сите, но без притоа да апострофира било чие име од членството на СДСМ.

Со поставувањето на ваквиот наслов, новинарот прекршува повеќе членови од Кодексот на новинари и од Насоките за етичко известување во онлајн медиумите.

„Онлајн медиумите нема да прикриваат или премолчуваат важни информации чие објавување би можело да влијае врз толкувањето или разбирањето на содржината на извештајот од страна на читателите. Премолчувањето на фактите кои можат битно да влијаат врз формирањето на ставот за некој настан или личност е еднакво на намерно искривување на реалноста и создавање дезинформации“.

„Онлајн медиумите нема да објавуваат неточни, пристрасни или манипулативно обликувани текстови, фотографии или други содржини со кои читателите намерно се доведувaат во заблуда. Фотомонтажите, обработените фотографии или други интервенции во автентични документ“.

Самиот Максим Димитриевски инаку на својот фејсбук профил објави дека е длабоко изненаден бидејќи наишол на игнорантски однос од неговата матична партија и не бил повикуван на седниците на централниот одбор.

– Ваквото непочитување на статутот недостаток на демократски капацитет на дел од раководството само ги потврдува моите сомнежи на лојалистичко клиентелистичкиот пристап кој воведува нов феномен на марионетски лидерства.Членството е тоа кое во една демократска и транспарентна постапка на евидентирање и кандидирање на кандидати за иден лидер на партијата треба да го има главниот збор до конечниот избор како и до сега, пишува Димитриевски.

Во изјава за ТВ 21 пак, вели дека на овој начин тој нема намера да се кандидира за претседател на партијата.

– Има постапка утврдена согласно Статутот. Се одредуваат состаноци на месни организации, општински организации и се даваат предлози, самите предлози потоа ги потврдуваат општинските организации и на крајот, значи се отвора постапка и за самокандидатури, во кои што треба членството да исфрли кандидат а не да пишуваме ние кандидатури со самокандидирање и да се правиме сами претседатели пред време, вели Димитриевски.

Инаку на конгресот на 12 декември, ќе се избира помеѓу поранешната пратеничка Фросина Ременски, заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски и директорот на дирекцијата на ТИРЗ Јован Депотовски.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.