Интервју кое ги демантираше тезите и дезинформациите за автобуската несреќа во Бугарија

Вчеравечер македонски медиуми објавија информација дека „познати се причините за пожарот во автобусот во кој загинаа 45 луѓе“, но информацијата објавена на веб порталот на Нова Македонија, во својот текст се има изгубено во преводот со што причините за пожарот не се наведени. Иако првиот впечаток кога ќе го прочитате насловот „Познати причините за пожарот во автобусот во кој загинаа 45 луѓе“ очекувате одговорот да го најдете во текстот, но тука наидувате на причини само познати на истражителот кој дава изјава за автобуската несреќа.

Во текстот понатаму стои:

„Маринов не сакаше да ја открие причината за пожарот и рече дека ќе им остави на експертите, кои веќе вчера повторно извршиле голема проверка на автобусот“, со оваа реченица всушност причините кои се најавени во насловот и кои требаше да бидат откриени во текстот, повторно не откриваат ништо за јавноста.

Она што стои само како причина наведена од Маринов во текстот е:

Тој додаде дека големо парче од заштитната ограда навлегло во автобусот во пределот на предната гума до предната врата, а резервоарот кој бил пластичен е целосно уништен“

Објавената информација се однесува на оригиналното интервју на обвинителот Бисер Михаилов и истражителот Марјан Маринов  во телевизиската емисија „Лице в лице“ на телевизија БТВ. Челниците на истрагата, зборувајќи за причините за пожарот во автобуската несреќа, изнесуваат свои видувања за причините, што дава прилично чиста слика што виделе истражителите.

Во другиот текст објавен на Македонската информативна агенција со наслов „Михаилов – Маринов: Позната е причината за пожарот во автобусот со македонски туристи на „Струма” дописникот во текстот вели дека Маринов одбил да ја открие причината за пожарот, и тоа ќе го остави на експертите, кои како што вели имаат свои тези и ја наведува истата причина како во претходниот текст за истата информација објавен на веб порталот на Нова Македонија.

„Но, истражителот коментира дека во македонскиот автобус било „нанижано” големо парче заштитна ограда за гумата до влезната врата, била пронајдена „свиткана хармоника” и „уништена е пластичната цистерна”.

Станува збор за два текста со несоодветен превод од бугарски јазик. Интервјуто откри повеќе дилеми, кои во изминатите десетина дена доминираа во јавноста. Многу медиуми по автобуската несреќа излегоа со тези и дезинформации, кои не беа потврдени за причините за автобуската несреќа, а синќешното интервју ги демантираше.

Дезинформација 1: Во автобусот се превезувале пиротехнички средства.

Оваа информација обвинителот Михаилов , категорично ја отфрла со што вели дека при повторно вештачење на автобусот, биле земени повеќе примероци од различни делови на остатокот од автобусот и било констатирано дека немало превоз на приотехнички средстава;

Дезинформација 2:Биле пронајдени туби со нафта, бидејќи со автобусот се шверцувало нафта

Маринов одговори на теоријата обајвена во медиумите дека во автобусот се превезувале и туби со бензин. Тој повторно ги отфрла ваквите информации и вели дека нема ниту минимални траги во вештачењето дека во автобусот се превезувале туби со бензин.

Истражителот Маринов пак вели дека причината и местото каде настанал пожарот во автобусот, ќе го остави на истражителите, но и она што тој го наведува е дека во задниот дел на автобусот имало туби со нафта кои биле потребни за парното во автобусот, но тој тврди дека тие туби биле целосни не биле зафатени со пожарот и категорично тврди дека немаат поврзаност со пожарот.

Дезинформација 3:Автобусот пренесувал материјал за производство на наркотици

Некои медиуми пренесоа информации и дека во автобусот се превезувале и додатоци за производство на наркотици, со што обвинителот Михаилов во телевизиското гостување воопшто не ни сакаше да ја коментира оваа информација.

Дезинформација 4:Во автобусот имало двоен резервоар за гориво

Првите луѓе на истрагата јасно кажаа дека нашле само еден резервоар со гориво, кој пламнал откако автобусот удрил во банкината и веројатно дошло до искричење, пробивање на резервоарот, по што горивото пламнало.

Обвинителот и истражителот во телевизиското гостување, ги демантираа и отфрлија информациите кои во изминатиот период кружеа во јавноста за можни причини на автобуската несреќа. Меѓутоа, дадоа и некои дополнителни информации, како податокот дека автобусот воопшто не бил нов, како што отпрвин се тврдеше, туку стар 20 години и репариран во Турција. Како што објаснија, дискутабилно е што од нововградените делови се според стандардите и соодветни на тој репариран систем. Вештаците ќе можат да одговорат на тие детали, а дел од податоците веќе ги содржи извештајот од несреќата. Во текот на вчерашниот ден е направена супер експертиза, откако во присуство на сите вештаци, истражители и надлежни институции автобусот бил кренат и повотрно целосно иследен.

 

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.