Се китат ли новите градоначалници со проектите на претходниците? – Информации и дезинформации
Мерната станица за квалитет на амбиенталниот воздух во Кисела Вода поставена во координација со Град Скопје веќе е во функција, јавија петнаесетина медиуми во Македонија, пренесувајќи изјава на новиот градоначалник Орце Ѓеоргиевски.
–Сакам да најавам и дека во наредниот период вакви мерни станици ќе се постават околу сите големи загадувачи, а борбата за здрава животна средина, борбата со загадувачите, ќе биде бескомпромисна и заедно ќе се избориме за тоа, додава Ѓеоргиевски.
Објавата на оваа вест следеше само 17 дена откако беше конституиран новиот Совет на Општината Кисела Вода и неполн месец откако новиот градоначалник Ѓеорѓиевски ја презеде функцијата.
За да се постави мерна станица, се распишува јавна набавка, за која има законски рокови до потпишување договор, а потоа треба време за да се изведат работите договорени со набавката. За неполн месец тоа не е можно да се направи.
Дилемата во јавноста делумно ја расчисти коментарот од досегашниот градоначалник, Филип Темелковски:
“Новата мерна станица” поставена пред 5 месеци, сите портали ја најавија како прв пат да се поставува“, напиша Темелковски на социјалните мрежи, приложувајќи фотографија од мерната станица.
Темелковски во изминатите месеци во уште два наврати пишува за мерната станица. На 27 јануари 2021 година информира дека Советот на Општината Кисела Вода донел одлука да се постави мерната станица.
„Мерна станица за мерење на аерозагадувањето и во Кисела Вода. Ова е само мал чекор, но ќе добиеме индикатор кој ќе помогне за насочување на работата на инспекциските служби за следење, идентификување и санкционирање на загадувачите. На денешната седница на Советот на општината беше донесена и одлука за дополнување на програмата за заштита на животната средина. Набавката на мерната станица е дел од активностите со кои градот Скопје ја поддржува општина Кисела Вода“, пишува Темелковски.
Одлуката е објавена и во Службен гласник на Општина Кисела Вода од 08.02.2021 година.
Веќе на 11 јуни 2021 година, Темелковски објавува дека мерната станица е поставена.
„Мерната станица за квалитет на амбиенталниот возух во Кисела Вода поставена во координација со град Скопје веќе е во функција“. – Филип Темелковски
Шест месеци подоцна, по доаѓањето на новата локална власт, на 20 ноември, јавноста повторно е информирана дека во Кисела Вода е поставена мерна станица.Покрај во медиумите, веста дека прв пат жителите на Општината Кисела Вода добиваат мерна станица за мерење на амбиенталниот воздух е објавена и на општинската интернет страна.
„Мерна станица за квалитет на амбиентален воздух е поставена во паркот Македонија, веднаш до Домот на Култура. Преку заедничка соработка на Општина Кисела Вода и Градот Скопје, жителите на овој дел од градот, за прв пат добија инструмент со кој се мери состојбата на воздухот“, пишува општинскиот сајт.
Со едно пребарување на порталот за јавни набавки може да се најдат документите за монтажа и демонтажа на мерната станица. Општината претставувана од градоначалникот Филип Темелковски склучила и заверила договор со компанијата РБЦ Медиа од 21 април 2021 година, во висина од 999.460 денари. Мерната станицата е поставена во јуни.
Побаравме објаснување во Општината Кисела Вода.
„Согласно јавна набавка од 17 март 2021, поранешниот градоначалник Филип Темелковски склучил договор за демонтажа и монтажа на постоечка мерна станица за која исплатил сума во вредност од дури еден милион денари. Општина Кисела Вода исплатила милион денари на фирмата која победила на тендерот само за нејзино преместување од Центар во Кисела Вода. Но, и покрај тоа, мерната станица не работеше. Сегашното раководство на Општина Кисела Вода даде налог да се извршат сите потребни дејствија за мерната станица да се стави во функција, соопштија од Општината Кисела Вода.
Со ова објаснување е решена дилемата. Не е точно пренесената информација дека на 20 ноември за прв пат е поставена мерната станица во Кисела Вода, која всушност изведувачот ја поставил шест месеци порано. Вистинската вест е дека новата локална власт презела активности да ја поправи нефункционалната станица, како што одговара Општината. Тоа го нема во веста што го објавува Општината на својата интернет страна, ниту во објавата на петнаесетината медиуми, кои повеќето интегрално го пренеле општинското соопштение.
Иако во Кодексот на новинари стои дека „точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“, праксата на дел од медиумите е да се објавуваат општински известувања, често интегрално без никаква новинарска интервенција.
Сепак, новинарот треба да ги воочи нелогичностите, потпирајќи се на фактот дека поставувањето на мерна станица не може да се случи без јавна набавка, за која треба време за да се спроведе.
Во основните начела на Кодексот на новинари пишува:
„Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од нашиот Устав“.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.