Портал како „вест“ пренесува статус на политичар во кој се споредуваат два различни случаи, без да даде дополнителни информации за читателите

Рецензираме текст со наслов „Ѓорчев: Полицијата брка баби од пазар со две китки магдонос, но кога е во прашање кражба за струја, никаде ги нема“, во кој портал целосно пренесува статус на политичар од социјалните мрежи, без притоа да даде дополнителни информации за читателот.

Целата „вест“ објавена од порталот, всушност е само во целост пренесен пост на Владимир Ѓорчев од ВМРО ДПМНЕ, во кој тој преку споредба на актуелен и стар случај, го иронизира однесувањето на полицијата во случајот со наводното копање на криптовалути во Градскиот трговски ценатар во Скопје. Ѓорчев употребува стара фотографија снимена од тераса, за која кажува дека „полицајци кои бркаат баби со цвеќиња и китки магдонос на пазарче во Аеродром“.

„Мизеријата на Заевистан во 1 слика: За МВР нема кражба на струја во ГТЦ, ама затоа 7 (седум) полицајци (униформа и цивилка) ги бркаат бабите со цвеќињата и со две китки магдонос на пазарчето во Аеродром. Кражбата е 1 милион евра месечен профит, 33.000 евра ДНЕВНО. Срамота“, пишува Ѓорчев.

Фотографијата која е објавена во постот, а која порталот ја користи како насловна фотографија, е постара и не е поврзана со случајот кој се случи во ГТЦ. На фотографијата може да се видат лица кои се облечени летно, на кратки ракави, па дефинитивно не е направена во месец ноември, кога се случи актуелниот случај со копањето криптовалути. Партијата Левица првично ја има објавено фотографијата во реакција од јуни 2021 година, што потоа го има преземено портал.

Проблематично е што новинарот во текстот што го рецензираме, со објавувањето на фотографијата и статусот на политичарот како вест, без притоа да објасни дека се работи за временски неповрзани случаи и да даде објаснување за ситуацијата, дозволил читателот да биде заведен  и да верува дека додека се случувал криминал во ГТЦ, полицијата апсела „бабички“ на пазарче во Аеродром.

Новинарот не треба да биде партиски гласноговорник, не треба за зазема страна и да се служи со сензационалистички приказ на насловите, туку напротив, треба да ја информира јавноста точно и објективно.

Во врска со случајот со копањето на криптовалути во ГТЦ, МВР излезе со објаснување, но во јавноста имаше уште неколку изјави кои го појаснуваат. Останаа неодговорени и прашањата што ги покренаа некои од сопствениците на дуќани за тоа дали навистина легално се користи струјата за приклучените компјутери и при тоа тие не се оштетени со сметките што ги добиваат. Дополнително остана сомнежот во јавноста дали навистина некој интервенирал и ја стопирал целата полициска акција. Сите овие прашања се новинарски предизвик, на кои не одговара простото пренесување пост од социјалните мрежи на опозициски политичар.

Со ваквиот текст, новинарот прекршува повеќе членови од Кодексот на новинари и од Насоките за етичко известување во онлајн медиумите.

„Онлајн медиумите нема да прикриваат или премолчуваат важни информации чие објавување би можело да влијае врз толкувањето или разбирањето на содржината на извештајот од страна на читателите. Премолчувањето на фактите кои можат битно да влијаат врз формирањето на ставот за некој настан или личност е еднакво на намерно искривување на реалноста и создавање дезинформации.

„При користењето информации добиени од социјалните мрежи, од веб-страници, блогови или други извори на интернет, онлајн медиумите внимателно ќе ја проверат нивната веродостојност и кредибилност“.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.