Во текст во кој се зборува за „насилно менување на власта“, непрофесионално во насловот се коментираат физички карактеристики на пратеник

Рецензираме текст со наслов „Едно метро и 50 кила а толку будалаштина извира од него – Апасиев повикува на насилно менување на власта!?“, во кој се „разработува“ изјава на лидерот на Левица, но авторот си дава слобода да коментира и дава оценка за политичарот.

Најпрво симптоматичен е самиот наслов, кој всушност директно го дискредитира пратеникот и коментира за височината на пратеникот, која ја поврзува со тоа колку, како што пишува, „будалаштина извира од него“.

Ваквиот наслов не само што е спротивен на етичките и професионални новинарски стандарди, туку е и сензационалистички, тврдејќи дека Апасиев повикува на насилно менување на власта.

Дополнително новинарот се служи со несоодветен речник и непрецизни зборови со кои се обвинува, кои наместо како информации, се разбираат како потпалувачка реторика.

Самиот текст не е спорен, бидејќи внатре е пренесена изјавата на Апасиев од пред Собранието на РСМ дадена на 11 ноември, откако неговата партија заедно со ВМРО-ДПМНЕ, Беса, Алијанса и Алтернатива, се обидуваше да обезбеди 61 пратеник за да се изгласа недоверба на владата. Во изјавата тој оценува дека ситуацијата е алармантна и потребна е политичка радикализација на опозицијата.

Јас сум на тој став, бидејќи очигледно тие ги користат сите лостови на власта за да оневозможат демократска транзиција на власта и мислам дека треба опозицијата да размисли за радикализација на методите. Тоа значи протести, блокади, парализа на Собранието. Само по себе Законодавниот дом веќе не постои, веќе знаете – ситуацијата е 60:60. Тие со вакви методи може да стигнат и до 90“, изјави Апасиев.

Никаде во изјавата, пратеникот не зборува за насилно менување на власта. Во повеќето јазици за насилно преземање на власта се користи францускиот израз Coup d’Etat ко јбуквално значи државен удар, а кај нас широко распостранет е називот со германско потекло – пуч. Пучот најчесто е ненадеен и го изведува мала воена или политичка група, што е и разликата меѓу државниот удар и револуцијата, која е многу поголем феномен и во која има масовно народно востание.

Во случајов, Апасиев повикува на протести, блокади и парализа на Собранието.

Новинарот со ова го прекршува и универзалниот принцип на непристрасност, бидејќи уште во самиот наслов тој изразува свое мислење и е пристрасен против лидерот на Левица.

Автоматски тој не обезбедува еднаков пристап и не му овозможува на читателот да направи споредба и самиот да извлече заклучок врз основа на тоа.

„Тоа подразбира известување во кое се прави јасна дистинкција меѓу фактите и мислењата. „Водителите и новинарите не смеат да изразуваат свои политички гледишта и мислења во вестите“ Медиумите може да наведат различни извори на информации и потоа да ги проверат фактите за тоа што било кажано и да разобличат лажни тврдења прек у наведување арг ументи. Тоа значи дека треба да се избегне пристрасност во прилог на или против која било страна.“

                  

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.