Фалсификуваните Ковид сертификати се во оптек, ама засега никој не им ставил крај
Beќe нeма влегување со лажен или туѓ cеpтификат – МЕРКИТЕ ќе се почитуваат на високо ниво е насловот на текстот на македонски портал, во кој пренесува дел од интервјуто на д-р Злате Мехмедовиќ, каде зборува, меѓудругото и за мерките за борба против пандемијата. Само што, насловот не одговара на фактите од интервјуто.
Доктор Мехмедовиќ посочува дека голем број граѓани имаат фалсификувани сертификти. „Веројатно ние сме единствената држава во светот која има 37 отсто вакцинирани, а веројатно 100 отсто од граѓаните поседуваат такви сертификати“, потенцира Мехмедовиќ за фалсификуваните сертификати што дел од населението ги користи за влез во моловите и кафулињата, пишува порталот.
И сега е казниво влегувањето со туѓ серитификат за вакцина или прележан Ковид во некои од затворените простории. Со одлука на Владата од 24.08.2021 година, на настани од културата, во ресторани, кафетерии, кладилници, обложувалници, концерти, семинари, работилници и други настани на затворено потребно е да се покаже сертификат за вакцина. Казнива е злоупотребата на сертификатот за вакцинација.
Од друга страна, д-р Мехмедовиќ не е член на Комисијата за борба против заразни болести, според тоа, не одлучува за заострување или укинување на мерките. Но, секако, како доктор чија специјализација е јавното здравје, неговото мислење е од интерес за јавноста. Комисијата сочинета од истакнати професионалци дава препораки за примена на мерки, но, крајната одлука е на извршната власт, т.е. на Владата.
Во интервјуто д-р Мехмедовиќ смета дека немаме доволна контрола на Ковид сертификати.
„Доколку имате соодветни мерки треба да се почитуваат, а не да апелирате да се почитуваат. Треба да има систем, кој ќе го контролира спроведувањето на мерките. Очигледно тој систем кај нас, барем во контрола на тие ковид пасоши или ковид пропусници за одредени затворени простори, не функционираат“.
„Можеби треба јавно да им посочиме на граѓаните дека користењето на тие фалсификувани документи претставува најголем ризик по нивниот живот, а потоа и за другите, сугерира д-р Мехмедовиќ.
Неоспорни се ставовите и мислењата на цитираниот доктор од порталот. Меѓутоа, во случајов се искористени со насловот да се наметне претстава на читателот дека мерките се заоструваат, како и контролата од „високо ниво“. Ова е типичен „клик бејт“ наслов што има за цел да го примами читателот да го отвори текстот, каде всушност, е пренесено мислење на доктор, кој нема моќ и власт да донесува или заострува мерки, ниту да контролира. Тоа е работа на Владата а потоа и на инспекциите, кои во текстот не се ни споменуваат.
–Доколку јас се прашувам, уште веднаш би вовел нови мерки кои би го ублажиле тој иницијален силен бран. Пандемијата треба да се контролира преку превентивни мерки, а не преку клинички мерки. Најважно е да се намали бројот на новоинфицирани и на тој начин да се намали притисокот и оптовареноста врз здравствениот систем, објаснувa д-р Мехмедовиќ во интервјуто.
Темата со фалисификуваните ковид документи се актуелна и бара внимание, особено во услови на релативно низок процент на вакцинирано население од само 37%. Ставовите од интервјуто се одлична основа новинарски да се разработи и истражува темата. Но, во случајов, така како што е објавен текстот, објавата дека нема повеќе влегување со туѓ сертификат, во најмала рака е несоодветно на содржината.
Според Кодексот на новинари на Македонија, „новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави, пишува во членот 1 од Кодексот.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.